ИНЦИДЕНТ НА МИГРАНТСКАТА МАРШРУТА НИЗ МАКЕДОНИЈА: Мигранти од Египет и Авганистан го демолирале кампот во Табановце

Според сознанијата, се работи за група од 20-тина мигранти по потекло од Египет и Авганистан. При демолирањето биле оштетени неколку објекти за сместување, како и кујната за храна и објекти на Црвениот крст. Од кујната била украдена и храната, како и неколку мобилни телефони, а со нож бил исечен и шаторот. Центарот денеска продолжил со работа, а заседавал и Главниот штаб на Центарот за управување со кризи.

159

Демолирање на транзитниот центар за мигранти во Табановце се случило во ноќта меѓу среда и четврток, од страна на група мигранти од Египет и Авганистан. Ова за, весникот ВЕЧЕР, го потврдија претставниците на невладините организации кои работат во кампот со цел да им помагаат на мигрантите кои таму често доаѓаат прегладнети и во исцрпувачка состојба. По инцидентот во кој била оштетена опремата во кампот, мигрантите го напуштиле кампот кој е во близина на македонско-српската граница и заминале во непознат правец.

– Имаше инцидент при што мигрантите преку ден се степале меѓу себе. По ова, полицијата ги избркала од кампот. Но, во текот на ноќта, тие навлегле во кампот. Знаеле дека има малку полиција, односно, само двајца полицајци, и влегле со цел да направат штета – ни рекоа активистите кои дејствуваат во овој камп, а сакаа да останат анонимни.

Според сознанијата, се работи за група од 20-тина мигранти по потекло од Египет и Авганистан. При демолирањето биле оштетени неколку објекти за сместување, како и кујната за храна и објекти на Црвениот крст. Од кујната била украдена и храната, како и неколку мобилни телефони, а со нож бил исечен и шаторот кујна.

Од македонското МВР денеска не одговорија на нашите прашања околу инцидентот. Официјална информација не можеше да се добие ниту од Црвениот крст, од каде што упатуваа на ЦУК и на МВР. Денеска заседаваше и Главен штаб при Центарот за управување со кризи, по што беа донесени и заклучоците, но и тие не беа објавени до затворањето на весникот.

Транзитниот центар Табановце денеска продолжил со својата работа со цел да ги згрижува мигрантите кои се појавуваат во ова подрачје. Во него најчесто доаѓаат мигрантите кои ќе успеат илегално да навлезат во Македонија, најчесто на македонско-грчката граница кај Гевгелија. Претходно, мигрантите од најразлични земји, најчесто од Авганистан, Египет, Сирија, Кина, Мароко, Судан, Ирак, Иран… користат услуги на шверцери на кои им плаќаат по повеќе стотици евра за транспорт од Гевгелија до подрачјето околу Табановце. За разлика од транзитниот центар во Гевгелија, во чија околина има поголемо присуство на македонска гранична полиција и на меѓународни полициски сили Фронтекс, со цел да се спречи навлегувањето на мигрантите од Грција, во кампот во Табановце нема многу полиција.

– Во кампот има само неколку полицајци и тој е речиси од отворен тип. Мигрантите тука постојано доаѓаат, но и брзо заминуваат. Ретко се задржуваат многу. На сите им е главна цел да влезат на српска територија за да го продолжат патот кон западноевропските земји – ни кажуваат претставниците на невладините организации што работат таму.

Во својот извештај за состојбата во ТЦ Табановце во минатата година, невладината организација „Македонско здружение на млади правници“ наведува дека најголем број мигранти се индивидуални лица, возрасни мажи, но има и семејства и непридружувани деца, кои доаѓаат без придружба на родител или старател во земјава.

– Кога станува збор за границата со Србија, мигрантите се најчесто фаќани од страна на српската полиција по преминување на границата и тие присилно ги враќаат на нашата територија. Потоа, се случува истите мигранти да бидат најдени од нашата полиција или, пак, тие самите да дојдат во транзитниот центар во Табановце, а претходно да се обиделе неколку пати да ја поминат границата со Србија. Инаку, мигрантите најчесто транзитираат низ земјава и доаѓаат во центрите или затоа што се фатени од страна на полицијата, па се носат за регистрација и профилирање, или затоа што се вратени од соседна земја. Во последните години е забележан пораст на бројот на лица кои доаѓаат со видливи повреди на телото, скршени нозе или раце и друго, како последица на тоа што го доживуваат по патот. Овие лица најчесто немаат лични документи, но има случаи и кога тие носат со себе лична документација – ни изјавија во „Македонското здружение на млади правници“. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ