Авион на линијата Омаха-Детроит во САД мораше да изврши итно слетување во Ајова откако еден патник се обиде да ја отвори вратата за време на летот и беше уапсен од полицијата откако кај него беа пронајдени 41 апче „Ксанакс“.
Инцидентот се случи во среда вечерта по локално време, за време на летот на „Скајвест ерлајнс„ (SkyWest Airlines) кој изврши итно слетување во Сидар Рапидс, Ајова, објави „Си-ен-ен“.
Патникот кој се обиде да ја отвори вратата претходно се скарал со стјуардеса, изјави пилотот.
Авионот слета безбедно, а видео објавено на социјалните медиуми покажува како полицијата го придружува патникот врзан со лисици за грб од авионот, пренесе „Танјуг“.