
Агенти на американската тајна служба уапсија едно лице по она што извори од федералните органи за спроведување на законот го оценија како инцидент во имотот на потпретседателот на САД Џ.Д. Венс во Охајо, пренесе „Еј-би-си њуз“.
Семејството на Венс не било дома во времето на инцидентот, а според прелиминарните извештаи, властите не веруваат дека лицето влегло во домот на потпретседателот на САД, изјави неименуван функционер.
Неколку прозорци биле скршени во домот на Венс во Синсинати. Некои локални медиуми, исто така, објавија дека имало пукање, но тие тврдења не се официјално потврдени.
Потпретседателот на САД се обрати до јавноста на социјалната мрежа „Икс“ по овој повод:
„Ги ценам добрите желби што сите ги испратија во врска со нападот врз нашиот дом. Колку што можам да видам, некој луд човек се обиде да провали удирајќи ги прозорците со чекан. Благодарен сум на Тајната служба и полицијата во Синсинати за нивниот брз одговор. Во тој момент не бевме дома, бидејќи веќе се вративме во Вашингтон (DC). Имам едно барање до медиумите: да се обидеме да ги заштитиме нашите деца колку што е можно повеќе од реалноста на овој живот во јавната служба. Во таа светлина, скептичен сум во врска со информативната вредност на објавувањето фотографии од нашиот дом со скршени прозорци.“
Властите истражуваат дали напаѓачите го нападнале Венс или членови на неговото семејство, изјавил полициски извор за „Си-ен-ен“.











