Илинденка Петрушева, неуморен истражувач на историјата на македонската кинематографија, посветен филмолошки работник и филмска критичарка, почина по кусо боледување на 5 септември на 81-годишна возраст.
– Со нејзиното заминување, Кинотеката на Македонија загуби вистински вљубеник во филмската уметност и исклучително голем културен деец, кој остави трага на македонската културна сцена. Таа беше плоден публицист и неверојатен соговорник, врвен интелектуалец, а особено ја задолжи Кинотеката каде долги години беше раководител на Одделението за истражувачка, издавачка, јавна, меѓународна дејност, библиотечна дејност и филмска програма, советник филмолог и главен и одговорен уредник на филмското списание – „Кинопис“ (од првиот број, од 1989 до 2014 година), посочуваат од оваа институција.
Илинденка Петрушева е родена на 4 август 1944 во Горна Џумаја, Пиринска Македонија. Се школувала во гимназија „Јосип Броз – Тито“ и во Десетгодишно музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје и на Филозофскиот факултет во Загреб, на катедрата по етнологија. Во 1974 година е еден од основачите на Кинотеката на Македонија. Учесник е, член на Советот и еден од организаторите во востановувањето на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола во 1979 и активно учествува во неговата реализација сѐ до 1995. Во повеќе мандати е претседател на Киносојузот на Македонија. Во седумдесеттите, осумдесеттите и во првата половина на деведесеттите години на минатиот век е член на Друштвото на филмските работници на Македонија и во истиот период е член и на ФИПРЕСЦИ (Меѓународна асоцијација на филмски критичари). Била член на жирија на бројни домашни и странски филмски фестивали. Била редовен филмски рецензент и во весникот „Вечер“ (1980 – 1988). Автор е на книгите: „Филмолошка библиографија 1944 – 1954“ (Кинотека, 1991), „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935 – 2000“ (Киносојуз, 2001), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005), „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека, 2011) и „Само сонот е стварност – од бележникот на еден филмолог“ (Македоника литера, 2014). Во ракопис во електронска форма го изработила истражувачкиот труд „Филмолошка библиографија 1897 – 1944“. Уредник е на книгата на д-р Александар Трајковски „Музиката во македонскиот игран филм – од ’Фросина’ до ’Лазар’“.
Добитник е на наградите „Почесен медал“ на УНИКА за афирмација и популаризирање на аматерскиот филм (2000), „Златен објектив“ на Кинотеката за исклучителен придонес во македонската кинематографија (2017) и престижната државна награда „11 Октомври“ (2017) за животно дело – за повеќедецениски значајни остварувања и ангажмани во областа на кинематографијата.