„Радоста што ја споделуваме со вас, делејќи го нашето творештво, се умножува како светлина што не може да биде опфатена од мрак. Светлина што свети и значи живот, благодарност, несебичност и љубов, љубов што, како што се вели, се множи кога се поделува. Оваа волшебна вечер, генерации хористи ќе бидат обединети со вас, обединети пред значењето на уметноста како духовна дарба, пред гласовите како моќни артефакти на даровите што ни се дадени за да споделуваме и умножуваме“. Со овие зборови, пред почетокот на концертот во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Гевгелија, на вљубениците во хорската музика им се обрати маестрото и професор Илија Атанасов, воедно и диригент и раководител на Градскиот мешан хор „Гортинија“ – гордост на гевгелиската музичка сцена и вистински културен амбасадор на Гевгелија.
Три хора со членови на различна возраст се претставија во рамките на настанот „Вечер на хорска музика“, кој беше дел од манифестацијата „Гевгелија – Град на културата за 2025 година“. Тие ги споделија својата песна и својата љубов во црковниот храм, каде што искрат срцата кога се раѓа нивната песна на концерт или на света литургија.
Програмата започна со настап на Градскиот детски хор „Божилак“, кој се претстави со композициите: „Што ми е мило“ во аранжман на Daniel Hughes, „Canon des scats“ од Pierre-Gérard Verny, македонската народна песна „Еленица препелица“ во обработка на Ристо Аврамовски, емотивната „You Raise Me Up“ од Rolf Lavland, како и со барокната „Viva Tutte Le Vezzose“ од Felice Giardini.
Потоа настапи училишниот хор при СОУ „Јосиф Јосифовски“, кој ги исполни делата „An Irish Blessing“ од James E. Moore и „Gagliarda“ од Baldasare Donatti.
Вечерта, многу емотивно, беше заокружена со настапот на Градскиот мешан хор „Гортинија“, кој ја изведе најнапред „Свечената песна за свети Кирил и Методиј“, а потем делото „Тебе поем“ од српскиот композитор Стефан Стојановиќ-Мокрањац, моќната хорска композиција „Dies Irae“ од Michael J. Trotta, како и „Македонско оро“ од Тодор Скаловски.
На крајот, диригентот Атанасов додели благодарници на поединци и на институции што дале придонес во афирмирањето на хорот „Гортинија“. Тој не заборави да им се заблагодари на Неговото преосвештенство, митрополитот повардарски Агатангел, за благословот и на свештенството на Гевгелиското архијерејско намесништво за срдечноста и за несебичната поддршка на хорот и на активностите.
Градскиот мешан хор „Гортинија“ (античкото име на Гевгелија) е формиран во 2006 година, како продолжение на првиот градски хор „Сава Михајлов“, раководен од професорот Атанас Атанасов.
Со својот квалитет, денес претставува еден од најдобрите мешани хорови во нашата земја. За тоа сведочат бројните домашни награди и признанија (ги освојува првите места на сите републички хорски натпревари) и меѓународните хорски натпревари. (Љ.А.)