Управниот одбор на АД ЕСМ на последната седница донесе одлука за временото именување координатори во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“, двата најважни енергетски капацитети во земјава. Иван Куковски е именуван за координатор на РЕК „Битола“, додека Владимир Пејоски ќе ја извршува таа функција во РЕК „Осломеј“. Со оваа одлука, двата комбинати ќе имаат координатори со целосни овластувања за раководење и за донесување одлуки во оперативното работење.
Од АД ЕСМ потенцираат дека именувањето на времените координатори има цел обезбедување стабилност и континуитет во работењето на електраните, со што се гарантира сигурно снабдување со електрична енергија во земјава.
Иван Куковски е искусен стручен кадар, со долгогодишен придонес во македонскиот електроенергетски сектор. Во својата кариера тој извршувал високи функции, вклучувајќи раководни позиции во ХЕЦ „Маврово“, директор на производство во АД ЕЛЕМ до 2017 година и претседател на Надзорниот одбор на АД ЕСМ до јуни минатата година.
Владимир Пејоски е актуелен директор за развој и инвестиции и член на Управниот одбор на АД ЕСМ, кој го познава секој сегмент од оперативните и техничките процеси во РЕК „Осломеј“ и чиј ангажман во секторот за развој и инвестиции ја забрза реализацијата на проектите за фотонапонски електрани и втората фаза од ветерниот парк Богданци, во рамките на стратегијата за зелена транзиција на компанијата.
Одлуката на Управниот одбор е од времен карактер и има цел дополнително да ги зголеми оперативниот капацитет и доверливоста на двата комбинати. Новоименуваните координатори ќе бидат фокусирани на успешната реализација на енергетскиот биланс и на одржувањето стабилен енергетски систем во претстојните зимски месеци.
Од секторот за односи со јавност на РЕК „Битола“ посочуваат дека во овој момент не се планирани кадровски промени на раководните позиции и дека главна улога на координаторите е да обезбедат директна поддршка на менаџментот и непречена координација за побрза и поефикасна реализација на веќе утврдените производствени планови.












