Македонија мора да биде енергетски стабилна за своите граѓани и компании, но и доверлив партнер во регионот. Тоа значи дека мора да произведува доволно енергија за сопствени потреби, притоа поголем дел од неа да биде од обновливи извори и да имаме модерна и дигитализирана мрежа што е дел од европската енергетска архитектура. Ова меѓудругото го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на панел-дискусијата „Жени во енергетиката“.

Таа ја нагласи и улогата на енергетската дипломатија како алатка за обезбедување одржлива иднина – преку регионална соработка, заеднички инвестиции и интегрирани пазари.

– Регионалниот енергетски систем е тесно поврзан – ниту една земја сама не може да обезбеди стабилност и сигурност, особено во време на енергетска транзиција. Затоа енергетската дипломатија значи да преговараме, да се договараме и да соработуваме така што сите ќе добиеме – сигурни испораки, интегрирани пазари и стабилна инфраструктура – рече Божиновска.

Во своето обраќање, министерката посочи и на најголемите предизвици во секторот енергетика – застарената инфраструктура, потребата од инвестиции и модернизација, како и регулаторни промени што ќе ја охрабрат приватната иницијатива.

– Првиот голем предизвик е староста и неефикасноста на дел од постојната инфраструктура. Производните капацитети, како и преносната и дистрибутивната мрежа се градени пред децении и не се дизајнирани за интеграција на големи количества обновливи извори. Тоа бара значителни инвестиции и внимателно планирање за да се модернизира системот без да се наруши стабилноста. Вториот предизвик е финансирањето. Енергетските реформи се скапи, особено кога станува збор за изградба на нови капацитети, дигитализација на мрежите и проекти за енергетска ефикасност. Затоа мора да се работи со комбинација од јавни инвестиции, европски фондови и приватен капитал. За да можат реформите да успеат, потребна е транспарентна и предвидлива регулатива што ќе го охрабри приватниот сектор да инвестира. Тоа значи поедноставени процедури, брзи дозволи и јасни правила за пазарот. И на крај, но не помалку важно, е човечкиот фактор. Транзицијата кон нов енергетски модел не е само технолошка, туку и општествена промена. Таа бара обучени кадри, нови знаења и култура на одговорност – и кај институциите и кај граѓаните – рече Божиновска.

Таа потенцира дека реформите веќе се спроведуваат – со подготовка на нови фотоволтаични и ветерни капацитети, модернизација на мрежата и програми за енергетска ефикасност.

ИЗДВОЕНИ