Македонија има квалитетни вина што може да им конкурираат на најквалитетните вина на светскиот пазар, но не се вложува во нови технологии и не се следат новите трендови. Сè уште се извезува половина од македонското вино во цистерни и во пластика и поради ниската додадена вредност, има ниска цена. Според статистичките податоци, производството на грозје последниве години се намалува, производството на вино стагнира во однос на количините и се забележува зголемување на квалитетот на одредени видови вино, што е важно за подобрување на можноста за пласман на вината на надворешните пазари. Познавачите на оваа индустрија велат дека со отворањето повеќе мали винарници во државата се срушил монополот во винарството, кој го уништуваше не само производството на вино туку и лозарството.
– Со измените на Законот за вино, се создадоа многу поволности за отворање мали семејни винарници, со кои се намали притисокот врз лозарите за монополскиот откуп на грозјето. По ковидот, се отворија околу 150 мали винарници, кои направија бум во откупот на винското грозје. И лозарите почувствуваа олабавување, бидејќи имаа избор и не мораа да го носат грозјето на откуп само кај двете големи винарници. Малите винарници откупуваат по 3.000 тони грозје, што не е малку со оглед на тоа што е намалено производството на грозје и годишно произведуваме околу 50 милиони килограми винско грозје – изјави за весникот ВЕЧЕР Филип Мојсовски, лозар и сопственик на мала семејна винарница.
Тој вели дека нивната винарница годишно произведува од 30 до 40 илјади литри вино, од кое повеќе од половина го продаваат во шишиња – во ресторани, кафеани, на познати клиенти…
– Уште е голем процентот на налевно вино, кое се извезува претежно во соседните земји – Србија, Хрватска, Словенија… На винарниците им требаат финансиски средства да го откупат, да го платат грозјето и да опстанат, затоа мора да продаваат и налевно вино, кое е поевтино да се произведе, но и цената му е пониска. И кај големите винарници соодносот е 50:50, односно половина од производството се продава како вино во шишиња, а половина како налевно – вели Мојсовски.
Најголем дел од налевното вино се продава во Србија и во другите земји од регионот, кои потоа го пакуваат и го продаваат како свое. Но, винарниците полека сфаќаат дека доколку го извезуваат своето вино како налевно, губат, бидејќи соседните земји им конкурираат на европскиот пазар со своето вино. Македонското вино, освен во регионот, се извезува и во Германија, Кина, Јапонија, Америка, Канада…
– Ние имаме квалитетно вино и може да извезуваме во поголеми количини, но ни недостигаат поголема промоција и поголема поддршка од државата. Порано стопанските комори имаа свои претставништва, кои многу помагаа во промоцијата и продажбата на македонското вино. Државата треба да ѝ посвети повеќе внимание на оваа гранка, бидејќи носи голем приход во буџетот на државата. Винарството е втора доходовна гранка по производството на тутун – вели Мојсовски.
Лозарството, како гранка, многу падна последниве години. Поради ниските откупни цени на грозјето, лозарите ги продаваат лозовите насади и не подигнуваат нови. Лозарите се разочарани и од цените и од односот на големите винарници, кои ги уценуваат.
– Порано, со еден хектар лозје купувавме автомобили и градевме куќи, а сега не можеме да ги извадиме вложените пари. Даваш 1.000 евра за репроматеријали, препарати за прскање, гориво… а земаш 700 евра. Ова е причината што веќе никој не сака да работи лозје – велат лозарите.
Секоја година се намалуваат површините под лозови насади и не се размислува за обнова на насадите. Повеќе од 88 отсто од лозјата се над 25-годишни, треба да се обноват за да се одржи производствениот потенцијал. Во стратегијата за лозарство и винарство, која беше донесена лани и е за до 2033 година, се наведува дека процентот на обновување на насадите е околу 1 отсто на годишно ниво, што е многу пониско од идеалниот тренд, кој треба да се движи околу 5 отсто од вкупните површини во текот на една година.
Експертите велат дека е неправилна и откупната политика, која се сведува на бело и на црвено грозје наместо категоризирање според сортата и квалитетот на грозјето од соодветната сорта.
(А. С.)












