Книгата има три циклуси. Првиот циклус се однесува на Македонија и на интимниот простор на Јачева-Улчар, на нејзиното семејство. Во вториот дел се поместени песни за едно место во Македонија каде што, како што рече, го поминува секое лето, Велестово, кое е познато по „Велестовските ноќи“, а третиот дел им е посветен на нејзините починати предци

 

„Има така некои денови“, првата збирка поезија на д-р Елка Јачева-Улчар, завчеравечер беше промовирана во Музејот на македонската борба пред голем број љубители на поетскиот збор. Досега таа ѝ беше позната на јавноста како реномирана лингвистка, македонист и автор на повеќе научни трудови, вработена во  Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, а сега ја запознаваме и во сосема поинакво светло, како поетеса. Книгата содржи педесетина песни со разновидна тематика, од ангажирана поезија до интимна лирика, а ја објави „Сивејан“.

Според проф. д-р Елка Јачева-Улчар, песните во стихозбирката се настанати во еден подолг период, почнувајќи во годините од пред короната, а најголемиот дел во текот на летото минатата година, заклучно со песната „Пеперуга“ напишана оваа година за денот Задушница.

– Тоа е завршна песна, по која еден упорен човек по име Тихомир Јанчовски ме убеди дека, конечно, треба да го соберам сето тоа што го објавувам на „Фејсбук“ во една книга – рече Јачева-Улчар.

Книгата има три циклуси. Првиот циклус се однесува на Македонија и на интимниот простор на Јачева-Улчар, на нејзиното семејство. Во вториот дел се поместени песни за едно место во Македонија каде што, како што рече, го поминува секое лето, Велестово, кое е познато по „Велестовските ноќи“, а третиот дел им е посветен на нејзините починати предци.

Книгата ја промовираше деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје проф. д-р Владимир Мартиновски, македонски поет, есеист, прозаист, книжевен преведувач и антологичар. Пораката на книгата е, како што истакна во поговорот, дека со добрина и со убавина ќе го победиме сето зло.

– Книгата е сочинета од педесетина песни, распоредени во три органски поврзани поетски циклуси: „Мали и големи нешта“, „Ритми и рими“ и „Секојдневие“. Во нив, меѓу другото, неслучајно е содржана насловната синтагма, која е битна одредница за поетскиот пристап на Елка, да ја разгледа својата човечка позиција во сооднос на светот околу себе и во сооднос на состојбата во која се наоѓа нејзината татковина. Елка Јачева-Улчар е поетеса, од семејство органски поврзано со уметноста на речта. Ќерка е на Ристо Јачев, мајка е на Исток Улчар – нагласи Мартиновски.

На промоцијата, стихови од книгата читаше македонската актерка Ирена Илиевска, Благој Ламњов настапи на кларинет, а водител и модератор на промоцијата беше Татјана Алексиќ.

ИЗДВОЕНИ