понеделник, февруари 23, 2026
Дома СВЕТ Целта не била да се фати Ел Менчо, туку да се елиминира?...

Целта не била да се фати Ел Менчо, туку да се елиминира? Криминалното подземје не го простува тоа

526
epa12770449 An aerial photograph shows plumes of smoke rising after violent reactions to the killing of Nemesio Ruben Oseguera Cervantes, known as El Mencho, leader of the Jalisco New Generation Cartel, in Puerto Vallarta, Mexico, 22 February 2026. The killing of El Mencho sparks a wave of violence and road blockades across Mexico. EPA/Gerardo Santillan

Најбараниот наркобос во светот, Немесио Осегера Сервантес, попознат како Ел Менчо, бил ранет во неделата во рација на картелот „Нова генерација Халиско“ – ЦЈНГ, но починал при транспортот со хеликоптер до болница. Во Мексико владее хаос што го предизвикуваат членови на картелот како одмазда за убиството на водачот, а претседателката, Клаудија Шајнбаум, повика на смиреност. Синот, зетот и братот на убиениот водач на картелот се во американски затвор и не може да се реализира династичкото наследување на власта. Ел Менчо бил побрутален и од Ел Чапо, а под негово водство, ЦЈНГ стана позната по нападите врз војската, соборувањето хеликоптери, користењето беспилотни летала со експлозиви и масовни блокади на градови.

 

Во осум мексикански држави се случуваат бранови на насилства, откако во неделата беше убиен Немесио Осегера Сервантес, попознат како Ел Менчо, водач на озлогласениот наркокартел „Нова генерација Халиско“ (ЦЈНГ).

Македонското Министерство за надворешни работи и трговија ги повика македонските државјани кои се наоѓаат на територија на Мексико, веднаш да ја напуштат државата. „Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, МНРНТ апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, да ја напуштат во првата безбедна пригода. Се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од неопходен карактер“, велат од МНР. Повеќе држави денеска  упатија вакви апели до своите граѓани, а САД ги стопираше летовите за Мексико.

Ликвидацијата на овој најбаран наркобос во светот за време на безбедносна операција спроведена со разузнавачка помош на САД ги разлути членовите на картелот, па почнаа да прават хаос низ државата палејќи автомобили, поставувајќи блокади на патиштата и напаѓајќи ги безбедносните сили. Очевидци велат дека луѓе во паника трчаат по улиците на кои горат автомобили, а густи столбови чад се издигнуваат насекаде. Гувернерот на Халиско, Пабло Лемус Наваро, прогласи црвено ниво на тревога и ги откажа часовите во училиштата, а мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум повика на смиреност и рече дека постои „апсолутна координација“ со сите федерални држави.

Ел Менчо бил ранет при рација во неговиот наркокартел што ја вршеле Специјалните сили на Армијата со поддршка на Воздухопловните сили и на Силата за брза реакција на Националната гарда и починал при транспортот во болница со хеликоптер. Властите соопштија дека идентитетот ќе му се потврдува со ДНК-тест. Според соопштението на  Министерството за одбрана, војниците биле нападнати додека се приближувале кон членовите на картелот за да ги уапсат, па возвратиле во самоодбрана, за што наводно има и видеоснимка. Во тој кофликт, покрај Ел Менчо биле ранети уште две лица, четири биле убиени, а две уапсени. Во рацијата е запленето и големо количество оружје, вклучувајќи ракетни лансери кои можат да соборуваат авиони или да уништуваат оклопни возила.

Ел Менчо нема наследник во картелот, па освен сегашните насилства како одмазда за неговото убиство, можни се и поголеми конфликти, крвопролевања, за да се дојде до тронот на картелот. Неколку високорангирани сојузници и членови на семејството на Ел Менчо веќе се во американски притвор, а некои од нив отслужуваат долги затворски казни, потврди Агенцијата за борба против дрога на САД (ДЕА). Во американски затвор, доживотна казна плус 30 години одлежува неговиот син, Рубен Осегера Гонзалез, познат како Ел Менчито – вториот човек на картелот, кој наредил повеќе од 100 убиства. Американските власти го опишаа како „еден од првите што придонесуваат за епидемијата на фентанил во САД“. Во американски затвор е и еден зет на Ел Менчо, а друг се соочува со обвиненија за трговија со дрога во САД. Меѓу 29  водачи на картелот кои им беа предадени на американските власти во февруари 2025 година е и постариот брат на Ел Менчо, Антонио Осегера Сервантес, познат како Тони Монтана. За разлика од другите, сопругата на Ел Менчо, Розалинда Гонзалез Валенсија, не е во американски притвор. Консултантот за безбедност од Мексико сити, Дејвид Сауседо, за Си-ен-ен вели дека сега, со династичкиот начин на наследување на позицијата – од татко на син, брат или братучед – како можни наследници на Ел Менчо остануваат само еден брат и еден посинок, кои „сè уште немаат влијание меѓу другите команданти на картелот“. Тој посочува дека има четворица главни кандидати за тронот, а не е исклучена и можноста за мирен трансфер на власта.

Сауседо изјави за Си-ен-ен дека целта на неделната операција на армијата можеби не била да се фати Ел Менчо, туку да се елиминира. Според него, во криминалното подземје, ваквите работи не се простуваат, па она што токму сега се случува е реакција: наркотероризам, блокади и палење продавници низ цело Мексико. Тој предупредува дека „тотална војна против мексиканската држава“ останува можно сценарио, а според неговата процена, целта на сегашното насилство е да се парализираат економските активности и да се наруши угледот на владата во земјата и во странство.

Убиениот Немесио Рубен Осгера Сервантес, познат како Ел Менчо, е роден во 1966 година во руралното Халиско, во сиромашно семејство со многу деца. Како млад човек, тој отишол во САД, каде што бил уапсен за трговија со дрога, па  депортиран во Мексико, каде се приклучил на картелот Миленио, регионална криминална организација поврзана со картелот Синалоа на Хоакин Ел Чапо Гузман. Околу 2010 година, како фракција на тој картел бил создаден картелот „Нова генерација Халиско“, чиј неоспорен лидер станал Ел Менчо. Тој беше познат по тоа што беше побрутален и од Ел Чапо, а под негово водство, ЦЈНГ стана позната по нападите врз војската, соборувањето хеликоптери, користењето беспилотни летала со експлозиви и масовни блокади на градови. Ел Менчо го сметаа за еден од најмоќните и најбараните наркобосови во светот.

ИЗДВОЕНИ