Има прогрес во Македонија, но другите земји растат побрзо од нас

Премиерот Христијан Мицкоски најави на самитот „Македонија 2025“ дека економскиот раст во првиот квартал може да достигне меѓу 3,5 и 4 проценти, дури и до 5-6 отсто доколку се подобри состојбата во Европа. Но, овие проекции изгледаат како преголем оптимизам во споредба со неодамнешните предупредувања од Светска банка и од други меѓународни институции. Светска банка, во своите априлски проекции за 2025 година, предупреди дека македонската економија се соочува со структурна ранливост, бавна реализација на капиталните инвестиции и со голема зависност од увозот. Според нив, проектираниот раст за целата година е околу 2,6 проценти, со ризици од политичка нестабилност, слабост во правната држава и неефикасна јавна администрација

1135

Ќе имаме економски раст меѓу 3,5 и 4 отсто во првиот квартал, кој ќе биде еден од најдобрите во Европа, изјави премиерот Христијан Мицкоски на самитот „Македонија 2025“, кој започна вчера, во Скопје. Според него, ако се подобри состојбата во автомобилската индустрија во Европа, тогаш имаме шанси за уште повисоки стапки на раст, кои ќе се движат меѓу 5-6 проценти. Овие проекции на премиерот се многу пооптимистички во споредба со неодамнешните предупредувања од Светска банка и од други меѓународни институции. Светска банка, во своите априлски проекции за 2025 година, предупреди дека македонската економија се соочува со структурна ранливост, бавна реализација на капиталните инвестиции и со голема зависност од увозот. Според тие проекции, предвидениот раст за целата година е околу 2,6 проценти, со ризици од политичка нестабилност, слабост во правната држава и неефикасна јавна администрација.

– Светска банка во 2024 година прогнозираше дека ќе имаме раст од 1,8 отсто и беше песимист, требаше да биде поголем оптимист. Ние имавме 2,8 отсто раст, што не е доволно, но доволно е што во третиот и во четвртиот квартал минатата година имавме стапки на раст над 3 отсто. И за првиот квартал од оваа година, имајќи ги предвид првичните индикатори од индустриското производство, туризмот и од другите гранки, не би се изненадил ако имаме економски раст меѓу 3,5 и 4 отсто, што ќе претставува еден од најдобрите во Европа – изјави Мицкоски.

Според него, имаме потенцијал и со перформансите сме пред сите други, но не можеме наеднаш да направиме целосна трансформација.

– Нашите трговски партнери имаат или негативен или раст меѓу 0 и 1 отсто. Ние не тргуваме со земји што имаат 6, 8 и 10 отсто економски раст, ако имаме некакви трговски односи, тогаш сме во голем дефицит. Ние имаме висок раст, кој во нормални околности би бил 5 или над 5 отсто. Под претпоставка да се остварат програмите на Министерството за финансии, оваа година ќе ја завршиме со раст меѓу 3,5 и 4 отсто, кој ќе биде еден од најдобрите во Европа и кој во нормални околности е еквивалентен на 6 отсто раст – појасни Мицкоски.

Премиерот смета дека паневропските коридори 8, 10 и 11 се голема предност за нашата држава, која треба да ја искористиме за развој на инфраструктурата.

– Единствена наша стратешка предност како земја што не излегува на море е што сме природна раскрсница на паневропските коридори 8,10 и 11, со што сме единствената земја со директна комуникација со овие три коридори. Се надевам на брза разрешница на војната меѓу Русија и Украина и овие коридори ќе бидат основа за обнова на Украина. На тој начин, геостратешкото значење на нашата држава ќе биде уште поголемо. Тука јас ги гледам иднината и основата на нашиот раст и развој – рече Мицкоски.

Визијата на „Македонија 2025“ за домашната економија е нулта толеранција на корупцијата, пет отсто економски раст годишно, пристап до ЕУ и ефикасна јавна администрација, рече извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажески во своето обраќање на самитот.

– Корупцијата е најголем проблем во државата, но земјава сè уште нема консензус каква економија сака. Бизнисмените и натаму се перципираат како профитери, а не како креатори на работни места. Има прогрес во Македонија, но другите растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на своите вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придонесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус – истакна Мојсоска-Блажески.

Самитот беше отворен од Виктор Мизо, претседавач на Бордот на директори, кој најави ребрендирање на „Македонија 2025“.

– Има уште многу работа за да просперира Македонија, повеќе странски инвестиции, реформи во здравството и во образованието, владеење на правото, борба со корупцијата – порача Мизо, нагласувајќи ја добрата соработка со Владата.

На самитот „Македонија 2025“ присуствуваат преку 500 гости: економски експерти, директори на тинк-тенкови, поранешни и сегашни премиери и министри од земјава и од странство, како и експерти од научната заедница од повеќе држави. Во фокусот се забрзувањето на економскиот раст, дигитализацијата, вештачката интелигенција, иновациите за економија подготвена за иднината, усогласувањето на економскиот потенцијал со паметните инвестиции, улогата на дијаспората во националниот раст. Учесниците ќе дискутираат и за децентрализацијата на моќта – иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, за редефинирањето на стратегиите, за странските директни инвестиции, како и за образованието на иднината – обликување лидери, мислители и иноватори. Самитот ќе заврши на 15 мај.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ