Експертите ширум светот предупредуваат дека човештвото е на опасен пат кон климатска точка од која нема враќање. Доколку емисиите на јаглерод диоксид останат на сегашните нивоа, до 2030 година глобалните температури би можеле да ги надминат критичните 1,5 степени Целзиусови, предизвикувајќи лавина од климатски екстреми – од разорни топлотни бранови до сè помоќни бури, суши и поплави.

Во јуни и јули, Европа веќе ги искуси последиците. Дневните температури надминаа 40°C, а бројот на жртви поради топлотниот бран се зголеми барем трипати – само на крајот на јуни, регистрирани се 1.500 дополнителни смртни случаи во 12 европски градови.

Минатата година, континентот беше погоден од најраспространетата серија поплави од 2013 година, со повеќе од 335 смртни случаи и 18 милијарди евра штета. Овие феномени се само дел од многу поголема слика.

Хидроклиматските шокови – ненадејните промени на сушите и бурите – сè повеќе ја нарушуваат стабилноста на екосистемите, зголемувајќи ги ризиците од пожари, деструктивни ветрови и градски бури. Грмотевици придружени со град со дијаметар до 5 см веќе се регистрирани низ цела Европа.

Времето истекува: Ни остануваат само три години

Според новите податоци објавени од Би-Би-Си, „јаглеродниот буџет“ на човештвото – количината на CO₂ што можеме да ја емитуваме додека остануваме под прагот од 1,5°C – е намалена од 500 на само 130 милијарди тони. Со оглед на тоа што светот испушта околу 40 милијарди тони годишно, времето за реакција истекува за помалку од три години.

Водечкиот автор на студијата, професор Пирс Форстер од Универзитетот во Лидс, вели:

„Сè оди во погрешна насока. Веќе гледаме невидени промени.“

Доколку ништо не се преземе, планетата е на добар пат да достигне зголемување од 1,5°C до 2030 година, што би означило влез во ера на екстремна клима, со сериозни последици за здравјето, безбедноста и економијата на луѓето ширум светот.

Морето расте, а бурите се засилуваат

Дури 90% од вишокот топлина завршува во океаните, што доведува до топење на глечерите и зголемување на нивото на морето. Од 1990-тите, стапката на пораст на нивото на океанот се дуплира, а милиони луѓе во крајбрежните зони се изложени на зголемен ризик од потопување.

Во меѓувреме, „бурата на векот“ повеќе не е мит. Научниците предупредуваат дека следната таква бура би можела да биде уште поразорна од легендарната бура од 1993 година, која одзеде над 200 животи и донесе снежни наноси до 150 см.

Тие, исто така, предупредуваат за бурата од 2010 година, позната како „Снежен Армагедон“, во која загинаа 41 лице, а стотици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Следната може да биде уште поразорна – и не мора да се случи само во САД.

Има надеж – но времето истекува

Иако сликата изгледа мрачна, експертите истакнуваат дека брзата транзиција кон чисти технологии и решителните намалувања на емисиите на CO₂ сè уште можат да го променат курсот. Секој дополнителен степен на затоплување ги зголемува разорните ефекти – но секоја мерка преземена денес може да ги ублажи последиците утре.

ИЗДВОЕНИ