Има ли спас за македонскиот аграр?

208

Ниските откупни цени, неорганизираноста на земјоделците, нелојалната конкуренција поради монополот на пазарот за откуп, непостоењето договорно производство, недостигот на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците, недостигот на едукација за претприемништвото и непостоењето функционални форми на економско здружување на земјоделците се само дел од проблемите на земјоделците. Ова го истакна претседателот на Националната федерација на фармери (НФФ), Стеванче Јорданоски, кој се осврна на состојбата во земјоделството за 2025 година и на препораките за предизвиците во 2026 година.

– Голем проблем за нас, земјоделците, е миграцијата и непостоењето интерес кај младите да се занимаваат со земјоделство. Загрижувачки е податокот дека миграцијата на граѓаните од руралните средини кон градовите и кон европските држави достигнала 50 проценти високо ниво. Според пописот во 2021 година, Македонија се соочува и со изразена регионална нерамномерност на населението помеѓу урбаните и руралните средини. Во земјава доминира урбаното население со вкупно 1.131.356 жители или 61,6 отсто, додека во руралните средини живеат 705.357 жители или 38,4 проценти – соопшти Јорданоски.

Тој рече дека малите и економски слаби рурални општини имале значителни проблеми при одржувањето на квалитетот и на пристапот до основните услуги, како што се здравствените, образовните и социјалните услуги, особено за населените места со помал број жители, што резултирало со поголемо незадоволство од квалитетот на животот кај руралното население.

– Мораме да истакнеме дека во сите земјоделски сектори имаме недостиг на работна сила и, во најголем процент, во земјоделскиот сектор се останати работници на возраст од 50 години. Таквиот тренд е наметнат, каде што земјоделството е неатрактивна работа и не сакаат да бидат работници во овој сектор. Тоа негативно се одразува на продуктивноста, односно се намалува производството, од една страна, и сите земјоделци се снаоѓаме како што знаеме, со зголемен обем на работа и со дополнителни нервози и стресови – нагласи Јорданоски.

За да се поддржат земјоделците, особено младите, рече дека е потребно да се инвестира во инфраструктурата, поголема работа и ангажман на руралните општини во насока на решавање на проблемите, образование и обука на младите лица во земјоделство и во агроиндустријата, воведување нови технологии на производство. Кампањите за промоција на земјоделството и на неговите предности, заедно со поволните кредити и поддршката за почеток на земјоделски бизниси и живот во руралните средини, биле, исто така, значајни за развојот на руралните средини и за одржливоста на земјоделството.

 

ИЗДВОЕНИ