Жителите од Кисела Вода и од околината на Теферич реагираат дека иако е поправан пред пет месеци, патот до ова место повторно пропаднал, со што, како што велат, се доведува во прашање нивната безбедност. На социјалните мрежи, со фотографии на кои се гледа дека е патот во сериозна состојба, тие предупредуваат да се избегнува оваа делница. Од Општина Кисела Вода велат дека интензивно работат на надминување на проблемот во координација со сите релевантни институции и оти ќе бидат преземени сите неопходни чекори за негово решавање
Жителите од Кисела Вода и од околината на Теферич реагираат дека иако бил поправан пред пет месеци, патот до ова место повторно пропаднал, со што, како што велат, се доведува во прашање нивната безбедност. На социјалните мрежи, со фотографии на кои се гледа дека е патот во сериозна состојба, тие предупредуваат да се избегнува оваа делница.
Тие ѝ предлагаат на Општина Кисела Вода да го забрани движењето на тешки товарни возила по овој пат. Некои сметаат дека треба да се прошири патот нагоре кон ридот со нова лента за да дојде на цврсто тло, бидејќи земјата работи, па, како што велат, не спасува ниту изградбата на потпорен ѕид. Трети, пак, додаваат дека итно треба да се затвори тој пат, бидејќи ако се случи нешто, ќе биде доцна.
Жител на Кисела Вода објаснува дека сите повозрасни знаат оти таа половина од патот е направена на полнетица и сега се лизга.
– Порано под стариот пат, кој беше потесен, имаше канали за каптажа, што не е случај сега. Ако се направи тоа, патот нема да се лизга. Градежниците го знаат тоа многу подобро од мене – предлага, како решение, жителот на Кисела Вода.
Од Општина Кисела Вода велат дека интензивно работат на надминување на проблемот во координација со сите релевантни институции и оти ќе бидат преземени сите неопходни чекори за негово решавање.
– Безбедноста на граѓаните е наш приоритет и нема да дозволиме да биде загрозена – децидни се од локалната самоуправа.
Овој пат беше реконструиран пред пет месеци. Санацијата започна во мај и траеше до септември минатата година. Но, поради силниот дожд, новиот асфалт беше оштетен и имаше свлекување на патот.
Уште во септември 2019 година патот беше затворен цел месец, поради реконструкција и опасност од свлечиште, а потоа беше повторно отворен. Но по неполн месец, повторно беше затворен во октомври, по што повторно беше обновен и пуштен во употреба.
Ниту во октомври коловозот не издржа повеќе од неколку недели и повторно беше затворен во ноември, за на крајот повторно да биде саниран и пуштен во употреба во декември.
Потоа, во 2024 година, земјиштето повторно го „проголта“ патот и направи сериозно оштетување, поради што асфалтот беше пропаднат буквално половина. Поради локацијата на огромната дупка, која се наоѓаше веднаш зад свијокот на патот, безбедноста на возачите беше енормно загрозена.
Потоа, пред девет месеци, градоначалниците на Кисела Вода и на Сопиште повторно апелираа да не се користи патот што води преку Теферич, бидејќи тогаш тој не беше безбеден за сообраќај.
(А. П.)












