Има ли пилот во авионот на Комуналец ?

Место кај градоначалничката директорот на претпријатието дал оставка кај судијата

101

Притворениот директор на Комунална хигиена, Сабахудин Рустеми, оставката ја депонирал пред судијата на претходна постапка кој во вторникот вечерта му одреди мерка притвор од триесет дена, наместо кај градоначалничката Данела Арсовска. Неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ вели дека причините поради кои ја поднел оставката во судот, биле непречено да се води истрагата. Арсовска бара од премиерот Христија Мицкоски, преку Управниот одбор за кој вели дека е предводен од ВМРО ДПМНЕ, да назначи нов директор во Комуналец со цел да не застанела работата.  А во претпријатието кое тоне во долгови работата е како од филмот „Има ли пилот во авионот“ . Ова ни се потврди кога се јавивме на телефонскиот број оставен за поплаки од граѓаните. На молбата да биде собрано ѓубрето од кантите пред куќите, кое веќе месец дена не се празнат, ни беше ветено „за ден до два“.

 

Место да ја поднесе оставката кај градоначалничката Данела Арсовска од која е и назначен, притворениот директорот на Комунална хигиена, Сабахудин Рустеми, ја депонирал пред судијата на претходна постапка кој во вторникот вечерта му одреди мерка притвор од триесет дена. Причините поради кои ја поднел оставката во судот, биле непречено да се водела истрагата, тврди неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ.

„ Станува збор за неотповиклива оставка од в.д. директор на јавното претпријатие Комунална хигиена. Тоа е еден морален чин од страна на сега веќе осомничениот, веќе поранешен директор Рустеми кој што не сака јавноста да мисли дека ќе ја попречува истрагата на кој било начин. Тоа е чин кој што ќе овозможи непречено водење на истрагата со цел да докажеме дека директорот нема никаква поврзаност со делото, а во насока дека ниту може да влијае, ниту влијаел, ниту ќе попречи какво било водење на истрагата, вели адвокатот.

Сепак, една од причините поради која, надлежен судија од Кривичниот суд, му изрече на Рустеми мерка притвор е токму опасноста од попречување на истрагата , понатаму влијанието врз сведоците и можноста да го повтори делото.  Двајцата притворени имаат право на жалба, па се очекува неговата оставка да биде главен адут во барањето на поблага мерка на претпазливост.

„Мојот клиент е длабоко убеден дека ќе се докаже дека тоа што им се става на товар на двајцата обвинети нема никаква поврзаност.Станува збор за ретко кривично дело, кое не толку често се појавува во нашиот кривично-правен систем. Станува збор за членот 230 од Кривичниот законик кој со измените од 2023 година добива еден поголем опсег – изјави неговиот бранител Алиспахиќ.

Поранешниот вршител на должноста во оставка, Рустеми и управителот за отпад Саити  се осомничени за загрозување на животната средина и природата со отпад,  бидејќи со денови не се собира градското ѓубре кое ја загадува почвата, водата и воздухот и влијае врз здравјето на скопјани. На телефоните во канцеларијата на директорот и неговите асистенти денеска не се јавуваше никој.

Градоначалничката Данела Арсовска го повика премиерот Христијан Мицкоски да предложи негов кадар за нов директор на јавното претпријатие. Таа испрати соопштение до медиумите во кое ги повика новинарите да го прашаат премиерот Мицкоски како ќе функционира „Комунална хигиена“ бидејќи тој лично од својот кабинет го наредува овој хаос и го најави како интересна разврска на прес-конференција непосредно пред да се случи.

„Го повикуваме премиерот Мицкоски, кој има своја претседателка на Управен одбор од ВМРО, која воедно е и осуден криминалец за две кривични дела во 2006 и 2022 година, да го повика Управниот одбор на ‘Комунална хигиена‘ Скопје согласно член 24а, став 2 од Законот за јавни претпријатија да донесе одлука за разрешување на директорот и согласно став 3 од истиот член да именува вршител на должност на претпријатието. Мицкоски го тероризира градот со своето режимско и диктаторско владеење преку својот Управен одбор, злоупотребувајќи ги институциите и полицијата да сее страв и да врши репресија пред избори“, вели Арсовска. Од Управниот одбор на „Комунална хигиена“ велат дека немаат добиено никакво известување од Градот оти Рустеми ја доставил оставката до Арсовска и немаат документ по кој би постапиле.

Дека ситуацијата со градското ѓубре излегува и повеќе од контрола зборува и видеото кое го објавија граѓани на социјалните мрежи, а на кое се гледа како камион, за кои се пишува дека е на комуналец, истура ѓубре среде булевар во Скопје, во близина на фабриката Цементара. Од објавените фотографиите се гледа како купишта  кеси со ѓубре и расфрлан смет беше буквално истоварен на една од коловозните ленти, принудувајќи ги возилата што се движеа по булеварот внимателно да го заобиколуваат.

А во претпријатието кое тоне во долгови работата е како од филмот „Има ли пилот во авионот“ . Ова ни се потврди кога се јавивме на телефонскиот број оставен за поплаки од граѓаните. На молбата да биде собрано ѓубрето од кантите пред куќите, кое веќе месец дена не се празнат, ни беше ветено „за ден до два“.

Според последно објавените документи на интернет страницата на ЈП Комунална хигиена, во месец јули Управниот одбор не го усвоил тримесечниот извештај за работата на претпријатието поради долгови, намалена наплата, неисправни камиони за собирање ѓубре.

Евентуално проширување на истрагата , од ОЈО Скопје не исклучуваат доколку се утврдат сомненија за кривично дело против животната средина и здравјето на луѓето.  (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ