Има ли Македонија потенцијал, можности и бизнис клима за да стане Швајцарија на Балканот?  

Економски и политички аналитичари не останаа рамнодушни на пораките на Крис Павловски дека Македонија може да стане Швајцарија на Балканот и европска оаза за трговија со криптовалути. Според нив, ваквите пораки и совети, не се реално остварливи со оглед на економската и политичката состојба во која се наоѓа државата. Од друга страна пак, некои од економските експерти сметаат дека ако Хонгконг направи аеродром на вода, а Дубаи приватни парцели за инвестиции во градежништво и туризам во море, зошто Македонија да не може да биде Швајцарија на Балканот.

424

Фокусирајте се на енергија, на вештачка интелигенција и на криптовалути и ќе имате многу просперитет во државата. Македонија има многу можности за инвестирање, па може да стане Швајцарија на Балканот и да биде европска оаза за трговија со криптовалути. Ова се советите на милијардерот со македонско потекло Крис Павловски кој присуствуваше на Самитот на Македонија 2025 за придвижување на слабата македонска економија.

Но, има ли Македонија потенцијал, можности и позитивна бизнис клима за реализација на овие совети на успешниот бизнисмен од светски маштрап? Дел од експертите кои ги консултираше весникот ВЕЧЕР се рамнодушни или скептични, бидејќи според нив таквите проекции не се реално остварливи со оглед на економската и политичката состојба во која се наоѓа државата.

Со вакви тврдења е и Ванчо Узунов кој вели ова не е реално остварливо и е многу погрешна насока на размислување.

-Тоа може да му одговара на Крис Павловски за да си создаде можности за свој бизнис, но не и на државата бидејќи со копање на криптовалути се троши многу струја. Се поставува прашањето зошто да се фокусираме на криптовалути, а не на производство на лекови и на некои други производи и услуги. Малку е невкусно некој да дојде однадвор и да ни соли памет. Кога Америка ќе прифати совет од Македонец, тогаш Македонија ќе може да прифати совет од Американец. Ако сака Крис Павловски да ја оправи Македонија може да се пресели тука и да го направи тоа, остро искоментира универзитетски професор и економски аналитичар.

И Синиша Пекевски смета дека шансите дека Македонија може да стане европска оаза за трговија со криптовалути се минимални.

-Јас лично не преферирам и не ја подржувам таа идеја и тој начин на плаќање и функционирање во финансискиот свет заради големата можност за манипулација и менување на состојбите на пазарот. Повеќе би сакал да дојдат високотехнолошки компании за производство на производи и развој на некои услуги, а не крипотовалути, изјави Пекевски за ВЕЧЕР.

Некои од економските експерти сметаат дека ако Хонгконг направи аеродром на вода, а Дубаи приватни парцели за инвестиции во градежништво и туризам во море, зошто Македонија да не може да биде Швајцарија на Балканот.

-Можеби Крис Павловски виде дека Македонија има вишок на електрична енергија од фотоволтаици и веројатно сака да ја искористи за копање на криптовалути. Сметам дека Македонија може да стане Швајцарија ако почне да го чисти ѓубрето од парковите и од зелените површини. За да оди напред Македонија не треба да се крие зад иницијативите за зачувување на животната средина, туку да гради патишта, објекти, капацитети кои може да ја направат Швајцарија која е една од земјите со најголемо БДП во Европа. Се надевам дека по изборите нашите градоначалници ќе ги извадат од фиока ГУП-овите и ДУП-овите кои седат по 10 години и ќе се вклучат во иницијативата за развој на индустријата и градежништвото. Во Швајцарија не може да се случи нешто да биде заглавено повеќе од 15 дена, а кај нас тоа секојдневно се случува. Тоа е доказ колку сме далеку од Швајцарија, смета економскиот експерт, Миле Бошков.

Дел од аналитичарите сметаат дека на народот му е доста од празни зборови, така што, според нив ветувањата дека Македонија може да биде Швајцарија на Балканот се многу несериозни.

-Македонија 35 години станува Швајцарија на Балканот. Од ветувања и мислења дека Македонија може да биде Швајцарија на Балканот на народот му е преполна кесата. За да стане Швајцарија, Македонија прво треба да има здрав систем. Во ваков хаос и нефункционалност на институциите во кои се наоѓа нашата држава многу нешта се тешка утопија. Какви било коментари во врска со тоа дека Македонија може да стане Швајцарија се несериозни, паушални и маркетиншки одредени за политички цели. Македонија и понатаму може да биде само една раскрсница на која сите проаѓаат, ветуваат и само напразно зборуваат. Ако некој мисли да си отвори простор за сопствени бизниси, кои се секогаш на работ на законот и здравата логика, тогаш Македонија е „елдорадо“ за такви бизниси, изјави за весникот ВЕЧЕР, аналитичарот Агим Јонуз.

Директорот на компанијата „Рамбл“, Крис Павловски, пак смета дека може да помогне со вработувања, да донесе бизниси или инвестиции.

– Швајцарија многу добро ја користи перцепцијата дека е неутрална, и мислам дека Македонија може да го направи тоа. Мислам дека на ваков начин може да просперира, слично како што направи Ел Салвадор во Централна Америка. Мислам дека Македонија го има тој потенцијал да биде неутрална држава која ќе се држи настрана од политичките случувања и да се фокусира на економијата на државата, да ги отстрани бариерите за граѓаните и тоа треба да биде фокус, оцени Павловски.

Според него, треба да се гледа низ призмата „не очекувај владата да направи сè за тебе, туку работи напорно за себе и за својата држава, и таа може да биде одлично место“.

– Ако го отворите пазарот – банкарството беше голем сектор еден од најголемите во светот, Швајцарија капитализираше од тоа. Новиот сектор кој се издигнува сега е крипто светот, целото законодавство кое Америка се обидува да го донесе во моментот. Ако Македонија стане првата држава во Европа која ќе ги усвои законските измени и ќе им дозволи на крипто компаниите да дојдат тука, ќе има многу компании кои ќе ја напуштат Европа само за да дојдат во Македонија. Според мене, треба само добри закони. Постои реална можност во дигитализацијата и напредно размислување во вештачка интелигенција и крипто. Ако Македонија е напред во законската регулатива, тоа природно ќе донесе луѓе и бизниси, изјави Павловски.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ