Инспекциските служби излегоа на терен и од Министерството за внатрешни работи информираа дека по извршените претреси на повеќе отпади на Вардариште поднеле кривична пријава по брза постапка против три лица кои ќе одговараат за кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“. Од ОЈО соопштија дека за тројцата М. М. (54), А. А. (28) и Ф. А. (41) од Скопје е побарана мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото. Но, аеродромци не се откажуваат, туку велат дека ќе продолжат со протести да ја блокираат крстосницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ секој ден во 18 часот, сè додека не се реши проблемот со поранешната депонија
По бурните реакции на јавноста и граѓанските протести за решавање на проблемот со поранешната депонија Вардариште, која постојано го загадува воздухот и го загрозува здравјето на жителите од неколку скопски населби, се разбудија институциите. Инспекциските служби излегоа на терен и од Министерството за внатрешни работи информираа дека по извршените претреси на повеќе отпади на Вардариште поднеле кривична пријава по брза постапка против три лица кои ќе одговараат за кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“. Од ОЈО соопштија дека за тројцата М. М. (54), А. А. (28) и Ф. А. (41) од Скопје е побарана мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото.
– Со координирани дејства на ОЈО и на МВР во изминатите денови и извршени претреси на локацијата Вардариште, по наредба на судија на претходна постапка, се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека трите лица сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад – нагласија од ОЈО.
Од МВР информираа дека овие лица подолг временски период, сè до 02.09.2025 година, на улица „Зендел Џемаил“ без број во Скопје создавале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или на водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето. – Тројцата вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад, која согласно со законот ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање – велат од МВР.
Оттаму додаваат дека според обезбедените докази постои основано сомнение дека осомничените оставале, фрлале и непрописно транспортирале, создале диви депонии, спротивно на прописите за заштита на животната средина, со што, влијаеле на квалитетот на почвата и на воздухот, но и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето.
Аеродромци не се откажуваат, туку продолжуваат со протести и блокирање на крстосницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ секој ден во 18 часот, сè додека не се реши проблемот со поранешната депонија.
Одлучни се дека секојдневно ќе бараат од надлежните системско решавање на проблемот со смрдеата и со отровните гасови што се испуштаат од Вардариште. Се жалат дека имаат неподносливи услови за живеење и оти сето тоа се одразува врз здравјето не само на возрасните туку и на децата и на генерациите што доаѓаат.
Последниот пожар на Вардариште се случи минатиот викенд, а граѓаните од двете скопски општини, Гази Баба и Аеродром, сè уште се жалат на неподнослива смрдеа. За време на пожарот, од безбедносни причини беа исклучени далноводите што ги напојуваат со електрична енергија населбите Аеродром и Лисиче и пет часа немаше струја. Ова е втор пат летово, поради пожарот на депонијата да нема струја во поголемиот дел од Аеродром, но и во делови од Центар.
Жителите започнаа со протестите во вторникот, револтирани од тоа што надлежните не преземаат никакви мерки против оние што палат на депонијата и ги трујат со години.
(А. П.)