Викендов што помина имаше колона од заглавени возила што се враќаа од Охрид и од Струга, а особено беше проблематично на делницата од патот кај клучката кај Маврово и клучката кај Гостивар, сè до патарината кон Тетово. Ваква е состојбата речиси секој викенд, особено во текот на туристичката сезона, што ги револтира возачите, кои бараат што побрзо да се направат сите автопатски делници на овој потег од Охрид до Тетово.
Во неделата беа пуштени за сообраќај 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, кои, колку-толку, го олеснија движењето на возилата кон нашиот најголем туристички центар, но сè уште постојат проблеми на северозападниот дел од Коридорот 8. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека до крајот на август би требало да бидат пуштени во употреба уште 17-18 километри од автопатот Кичево – Охрид и со нив, заедно со делот што беше пуштен во употреба викендов, ќе има 34-35 километри автопатско решение, а другите до 57 километри колку што има вкупно делницата Кичево – Охрид, ќе бидат пуштени во употреба најдоцна во првиот квартал од 2027 година оти треба да се санираат свлечиштата
Во неделата беа пуштени за сообраќај 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, кои, колку-толку, го олеснија движењето на возилата кон нашиот најголем туристички центар, но сè уште постојат проблеми на северозападниот дел од Коридорот 8. Викендов што помина имаше колона од заглавени возила што се враќаа од Охрид и од Струга, а особено проблематично беше на делницата од патот кај клучката кај Маврово и клучката кај Гостивар, сè до патарината кон Тетово. Ваква е состојбата речиси секој викенд, особено во текот на туристичката сезона, што ги револтира возачите, кои бараат што побрзо да се направат сите автопатски делници на овој потег од Охрид до Тетово.
– Се работеше во три смени, се работеше жестоко, се работеше посветено и резултатот од таа посветена работа се овие први 17, иако делницата е 20 километри, но оној дел каде што се скршнува накај Пресека, до тунелите, не е пуштен во употреба, бидејќи таа делница од Врбјани до Кичево, која е, исто така, во должина од 17 километри, дополнително треба да се заврши, бидејќи има 10 свлечишта, кои, за жал, останале заборавени. Сега се направени проекти и тие треба да се стабилизираат – истакна премиерот Христијан Мицкоски во отчетот за сработеното на Царинската управа оваа година.
Тој уверува дека до крајот на август би требало да бидат пуштени во употреба уште 17-18 километри од автопатот Кичево – Охрид и со нив, заедно со делот што беше пуштен во употреба викендов, ќе има 34-35 километри автопатско решение, а другите до 57 километри колку што има вкупно делницата Кичево –Охрид, ќе бидат пуштени во употреба најдоцна во првиот квартал од 2027 година оти треба да се санираат свлечиштата.
– Се привршува секцијата од Климештани до Охрид. Тоа се, исто така, 17-18 километри, кои очекувам да бидат пуштени во функција до крајот на август, со што од вкупната делница од 57 километри, до крајот на август, 34-35 ќе бидат автопатско решение. Минус се оние пет километри кај Ботун и минус оние 17 од излезот на тунелот до Кичево, за кои очекувам да бидат завршени до крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година. Еве нека биде најдоцна до првиот квартал од 2027 година – рече премиерот Мицкоски во отчетот за сработеното на Царинската управа оваа година.
Голем проблем на изведувачите на терен им претставува делницата од Врбјани до Кичево, која е долга 17 километри и има 10 свлечишта. Мицкоски вели дека проектите за стабилизирање на свлечиштата се готови.
– Во август ќе се почне со решавање на свлечиштата, кои треба целосно да бидат завршени на крајот од 2026 година или почетокот од 2027 година. Исто така, ќе се работи и на свлечиштата на петте километри од автопатот кај Ботун, кои се попредизвикувачки, но и проектите за нив се готови – истакна Мицкоски.
Сите овие дополнителни работи ќе го поскапат доградувањето на овој автопат, кој се гради повеќе од 10 години, за што, според Мицкоски, потребно е зголемување на рамката на договорот со кинеската Ексим банка. Според јавно достапните податоци, изградбата на автопатот Кичево – Охрид досега чини 598 милиони евра место првично планираните 374 милиони евра. Изградбата почна во мај 2014 година, а во јануари 2014 година беше склучен договорот за заем помеѓу Ексим банка на НР Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.
Турбо се работи на автопатиштата во западниот дел
На западниот дел од Коридорот 8 се работи и на автопаските делници Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани.
– Повеќе од 75 проценти од фронтот за работа е отворен за делницата Гостивар – Букојчани. Се работи со несмалена динамика. Голем дел од активностите ќе бидат реализирани оваа година. Исто така, со несмалена динамика се работи и автопатот Тетово – Гостивар, како и автопатот Прилеп – Битола и очекувам да бидат завршени дури и побрзо од предвидениот план – рече премиерот во одговор на новинарско прашање во врска со динамиката на изградба на автопатот и со обвинувањата од СДСМ за фушерско работење.
Тој додаде дека изградбата на автопатот Кичево – Охрид е показател за разликата меѓу оваа и минатата влада предводена од СДСМ.
– Тоа е разликата помеѓу оваа влада и владата на СДСМ и ДУИ, која, пак, ја интересираше само да исплати аванси за да може да добие некоја милост назад. Оваа влада не ја интересираат авансите, туку ја интересираат работата, фронтот и просперитетот на државата. Додека владата на СДСМ и ДУИ крадеше, оваа влада гради. Тоа е разликата. Нас не нè интересираат ниту трговски центри, ниту скапи автомобили, ниту инстант фирми за увоз на јаглен, ниту богати туристички агенции што купуваат евтини деловни простори во центарот на Скопје. Нас нè интересираат работата и просперитетот на сите граѓани на целата територија на Македонија – рече премиерот Мицкоски.
Зголемена е наплатата на приходи од Царината
Премиерот Мицкоски е особено задоволен од работењето на Царинската управа, која за само една година има наплатено приходи од над две милијарди евра.
– За една година, со напорна работа, со визија и со домаќински пристап, ја враќаме државата на нозе – дел по дел, институција по институција, систем по систем. Еден од тие столбови што го градат новото време, што ги поставуваат темелите на промените, е токму Царинската управа, која лани наплати над 2 милијарди евра, што е за 105 милиони евра повеќе отколку во тој период претходно. Не е случајно тоа. Тоа е резултат на принципиелна работа, на раководење без калкулации, на борба со сивата економија и корупцијата и на јасна политичка определба: парите да одат кај граѓаните, а не во нечии џебови – потенцира Мицкоски.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, потенцира дека приходите од царината се пораснати за 15,2 проценти, а од акцизата за 7,1 процент. А се отвори и борбата против сивата економија и криминалот, за што покажуваат и бројките дека се поднесени 181 кривична пријава до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за организиран криминал. Тоа е речиси четири и пол пати повеќе во однос на годината претходно.
МН: За една година Царината наплатила над 2 милијарди евра
Зголемените приходи на Царината значат повеќе пари за плати, пензии, за потребите на општините за реализација на инфраструктурни проекти. Во таа насока, Владата, преку комерцијалните банки, досега има префрлено 150 милиони евра од унгарскиот заем на домашни компании што побараа кредит за финансирање на своето работење, додека за општините, за годинава се предвиден и околу 200 милиони евра.
– До овој момент, половина милијарда или околу 500 милиони евра од унгарскиот кредит се потрошени за да се врати еврообврзницата подигната во 2018 година. Последната информација што ја имам, поврзана со кредитите кон стопанството, е дека тој број е над 150 милиони евра, кои се доделени преку комерцијалните банки во бизнисот, а за општините во буџетот за годинава имаме предвидено околу 200 милиони евра – истакна Мицкоски.
Најверојатно, в четврток ќе се одржи состанокот со општините на кој ќе бидат потпишани договорите од вториот јавен повик, по што тие ќе можат да објавуваат огласи за проектите.
– Реализацијата кај општините е нешто помала од очекуваната и дополнително се работи на тоа. Со вториот повик за општините и со потпишувањето на договорите, рече премиерот, ќе се заокружи вкупната сума средства земени од унгарскиот кредит – за враќање стари долгови и за развој и капитални инвестиции на државата. За една година, со напорна работа, визија и домаќински пристап, ја враќаме државата на нозе – рече Мицкоски.
На затворена седница Владата ќе ги разгледува понудите за брзата пруга
Интересот за финансирање на брзата пруга на Коридорот 10 е голем и денеска, на затворена седница на Владата, ќе бидат разгледани понудите од банките. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не може да каже која камата ја понудиле банките и финансиските институции, но уверува дека она што ќе биде прифатено ќе биде најдоброто.
– Не можам да ви кажам, зашто понудите се доверливи. Не би зборувал и за број додека не поминат на владина седница. Интересот е голем. На затворена владина седница, очекувам информација од Министерството за финансии да предложи меѓусекторска работна група што ќе ги анализира пристигнатите понуди. Прв услов е да видиме дали сите тие понуди ја понудиле сумата што ја бараме. Тоа ќе биде првиот катализатор, дури потоа ќе влеземе во нивна длабинска анализа и дури потоа можеме да зборуваме за повеќе детали – објасни премиерот.
Во однос на американските царини, Мицкоски информира дека ако САД и ЕУ не успеат да се усогласат околу тарифите, тоа ќе има влијание и на нас. Сепак, тој е сигурен, како што напомена, дека со јасна и концизна политика ќе успееме да го одржиме макроекономскиот баланс и стабилност и граѓаните да не го почувствуваат тоа.
– Во процес на преговори сме со САД. Оптимист сум дека се движат во правилна насока. Очекувам во текот на оваа недела да имаме, генерално, развој на настаните во позитивна насока и фокусирани сме до крајот на овој месец да постигнеме договор, што ќе значи повеќе за македонската економија и за македонските граѓани – информира претседателот на Владата.
Редовен е повратот на ДДВ кон стопанството
Повратот на ДДВ-то кон стопанството е редовен и нема поголемо отстапување од она што било практика во минатото.
– Нема поголемо отстапување од тоа што е практика во минатото, данокот на додадена вредност се враќа редовно, но разликата е во тоа што сега внимателно се проверува за да не ни се случат Крмзов и слични луѓе што го злоупотребувале и црпеле системот и ги злоупотребувале граѓаните – рече Мицкоски и ги повика оние што мислат дека им се должи, слободно да му се обратат.
Се преговара со инвеститори за изградба на гасни централи
Во врска со изградбата на гасни централи, покрај со компанијата „Казанџи“, Владата е во преговори и со уште неколку други потенцијални инвеститори за инвестирање во ваков тип проекти.
– Дополнително ќе продолжиме со преговорите. И очекувам да ги прецизираме локациите. Во игра се неколку локации, во Скопје се неколку локации во оптек, исто така Куманово е во оптек, Тетово, Гостивар, поголемите градски средини. Нормално, тука се, исто така, и другите. Имајќи предвид дека во Битола веќе ќе се затвори проблемот со затоплувањето, бидејќи се завршува проектот топлификација од РЕК „Битола“, ни остануваат Прилеп, Велес, Штип,Струмица, Кавадарци итн., да не замерат другите што нема да ги споменам – рече премиерот Христијан Мицкоски.
(С. Бл.)