Има ли граница? Цената на златото и понатаму урива историски рекорди

125

Цените на златото денес на глобалните пазари надминаа рекордни 3.900 долари за унца, што одразува загриженост на инвеститорите поради затворањето на американската влада и проценките дека американската централна банка повторно ќе ги намали клучните каматни стапки за да ја поддржи вработеноста.

На таканаречениот физички пазар, унца злато околу пладне изнесуваше 3.943,01 долари и беше за 1,5 проценти повисока отколку на затворањето на тргувањето кон крајот на минатата недела.

Цената на златото се зголеми за ист процент кај фјучерс договорите на американскиот пазар, каде што унцата се тргуваше по цена од 3.966,37 долари, јавуваат агенциите.

Политичката неизвесност ги поттикнува инвестициите во безбедни засолништа.

Побарувачката за благородниот метал беше поттикната од затворањето на федералната влада на САД, што ја продлабочи неизвесноста кај инвеститорите и ги поттикна да го насочат капиталот кон сигурни засолништа.

Затворањето на владата во САД влезе во втората недела додека демократските пратеници продолжуваат со своите барања за придонеси за здравствена заштита, а американскиот претседател Доналд Трамп најавува отпуштања од владата и намалување на буџетот.

Доколку Трамп утврди дека преговорите со демократите во Конгресот „не водат апсолутно никаде“, Вашингтон ќе започне со масовни отпуштања на федерални службеници, изјави во неделата висок функционер на Белата куќа, пренесе Ројтерс.

Златото порасна за речиси 50 проценти од почетокот на годината, а скокот на цената беше предизвикан, меѓу другото, од силната побарувачка од централните банки.

Инвеститорите купуваат и скапоцени метали пред состанокот за монетарната политика на американската централна банка.

ИЗДВОЕНИ