Илустрациите на еден од клучните автори на современото македонско сликарство, Димитар Кондовски (1927–1993), кои ги декорирале македонските сликовници со кои растеле генерациите во седумдесеттите и во осумдесеттите години на 20 век, ќе бидат презентирани на изложбата „Димитар Кондовски и македонските бајки“ која ќе биде отворена на 25 декември, во 19:00 часот, во Музејот на Македонија. Отворањето на изложбата ќе биде збогатено со ЗД-анимација од избрани илустрации на некои од бајките, како и со презентација на снимено интервју со уметникот.

– Уметничката продукција на Кондовски вклучува илустрации отпечатени во импозантен број детски книги, но, сепак, исклучителна вредност имаат оние што го окупираат вниманието на сликарот во периодот од 1982 до 1984 година, кога бил насочен тој кон разработката на текстовите од македонските бајки и од народните приказни. Оттаму произлегуваат двете најволшебно илустрирани едиции на детски сликовници – „Македонските бајки“ (1986) и „Македонски народни приказни“ (1992) во издание на „Детска радост“ од Скопје. Овие едиции на детски сликовници претставуваат своевиден ковчег со драгоцености во кој блескаат исклучително вредните илустрации на Димитар Кондовски, инспирирани од бесценетите текстови од приказните на Марко Цепенков, Кузман Шапкарев и на други народни раскажувачи. Токму тој духовен и уметнички капитал, кој го содржат овие дела, ја поттикнало идејата на авторите Филип Кондовски, син на уметникот, и кустосите Јасминка Намичева и Горан Павловски да го реализираат проектот „Калеидоскоп од светот на бајките на Димитар Кондовски“ – се вели кон изложбата, која македонската јавноста ќе има можност да ја види и во наредниве месеци.

На изложбата ќе биде претставена целокупната збирка со сите 72 оригинални илустрации и 10 копии, од кои е составена едицијата сликовници, а е во сопственост на семејството Кондовски. Станува збор за илустрации за познатите македонски бајки „Силјан Штркот“, „Детето без страв“, „Марко и самовилата“, „Дуња Ѓузели и царевиот син“, „Квачката и 12. пилиња“, „Самовилското коњче“, „Немата морска кралица“.

– Оваа збирка илустрации сама по себе отсликува еден одделен универзум, обоен со пребогат колорит, отсликан од македонското сонце врз шаренилото на декорации од богатиот етнолошки трезор, збогатени со волшепства и со вонземски суштества, пресликани од богатата народна имагинација и, секако, мајсторски зачинети со карактеристичните обележја на секоја култура во која се развива приказната со бајковитите јунаци – посочува Јасминка Намичева кон изложбата.

Истовремено, додава таа, Кондовски ни држи час по историја за средновековниот костим и свечена облека, ни го тренира окото на висока естетика, одбирајќи вешто фрагменти од народната македонска секојдневна носија и од етнолошката ризница, создава учебник за стиловите на најразлични зданија од обични селски куќи со сламени покриви до царски палати со мермерни столбови и златни двери, од црковни блескави куполи до кули на камени замоци.

Овој амалгам за „мемориската капсула“, создадена од креативната енергија на двајцата колоси, Цепенков и Кондовски, има цел на еден суптилен начин, пред заспивање, нежно, трпеливо, татковски да ги втисне во детските глави сите уки и мудрости, сите црвени нишки од кои е исткаена македонската сага, сите стравови и предизвици за справување со двоглавите чудовишта, да укаже на сите човештини, но и ѓаволштини, на сите будалаштини, но и доблести, па така полека, но сигурно, како што се кали челикот – во оган, па во ладна вода, да го искали детскиот дух – истакнува историчарката на уметност за изложбата.

Додава и дека, сиот свој ликовен и креативен багаж кој Кондовски го поседувал бил штедро распослан на секоја страница од илустрациите на оваа едиција.

– Креирањето на ликовите во замислените амбиенти е базирано врз искуството на Кондовски од иконописната композиција, со фронтални или благо завртени фигури, јасни силуети, доминантни вертикали и дијагонали и најчесто со „ореол“ од светлина околу фокусниот лик. Колорната структура на палетата низ целокупната збирка илустрации е базирана врз земјените тонови на окер и црвена, прекинати со азурни или синкави површини, додека „чудесното“ е неизоставно со златести акценти. Кондовски, со голем осет за мера, речиси крајно „економично“ користи мал број внимателно избрани реквизити (круни, амулети, перје, месечини), кои го градат наративот без претрупување – истакнува Намичева.

Коавторката на изложбата воедно ќе заклучи: „Преку оваа збирка детски илустрации, уметникот создал мост преку кој секое дете зачекорува во светот на македонскиот бит, неосетно и лесно… залагајќи се за единствена животна вистина, дека макар и една раскажана приказна од баба или дедо е богатство за навек, дека макар и една приспивна песна од мајка е бесценет универзум на дланка… и дека приказните раскажани „на перница“ се најголемиот капитал на љубов што родителите уште во најраното детство може да му го подарат на секое дете.“ (Н.И.Т.)

Фото: Филип Кондовски

ИЗДВОЕНИ