Десетици илјади туристи, домашни и странски, се заглавени во пристаништето Пиреја поради екстремно силни ветрови. Екстремно силните ветрови го запреа целиот бродски сообраќај со островите и патувањата што Грците и странците традиционално ги планираат во август кога го напуштаат главниот град.
Со куфери и уморни од чекање бидејќи сообраќајот е прекинат на неодредено време, тие чекаат нови информации, иако е малку веројатно дека бродовите ќе тргнат денес.
Дел од Грција, вклучувајќи ја и Атика, денес е во режим на тревога, односно во црвена тревога за опасност од пожар. Сите расположиви сили се распоредени, противпожарните служби се во состојба на готовност, се стравува дека високите температури и силните ветрови што ќе дуваат четири дена би можеле да доведат до појава на големи пожари. Тие веќе се регистрирани на Закинтос, Пелопонез, но и на Атика.