Илјадници Палестинци бегаат за да спасат жива глава, израелската војска тргна на градот Газа

610

Израелски воен портпарол изјави дека трупите веќе дејствуваат во областите Зејтун и Џабалија за да ги постават темелите за офанзивата, која министерот за одбрана, Израел Кац, ја одобри во вторникот. Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека ги „скратува временските рокови“ за заземање на она што го опиша како „последните терористички упоришта“ во Газа. Израел во средата одобри клучен проект за изградба на 3.400 стана на окупираниот Западен Брег, за кој критичарите велат дека ќе ја пресече палестинската територија на два дела и ќе го спречи воспоставувањето палестинска држава со територијален континуитет

 

Илјадници Палестинци бегаат од градот Газа во кој живеат повеќе од еден милион луѓе, откако израелската војска ги почна првите фази од планираната копнена офанзива. На жителите им е кажано да се упатат кон југот на енклавата, иако и тој дел е во урнатини. „Би-би-си“ јавува дека стотици Палестинци во населбите Зејтун и Сабра во градот Газа заминале кон северозападниот дел од градот.

Израелски воен портпарол изјави дека трупите веќе дејствуваат во областите Зејтун и Џабалија за да ги постават темелите за офанзивата, која министерот за одбрана, Израел Кац, ја одобри во вторникот. Околу 60.000 резервисти се повикани да се приклучат на војската на почетокот на септември како активен персонал за операцијата. Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека ги „скратува временските рокови“ за заземање на она што го опиша како „последните терористички упоришта“ во Газа.

Хамас пред два дена објави дека го прифаќа планот за примирје предложен од посредниците, а истовремено, додека израелската Влада го разгледува тој нов предлог за прекин на огнот што треба да ја заврши војната што трае речиси две години, израелските сили воспоставија упориште на периферијата на градот Газа по неколкудневно интензивно бомбардирање и артилериски оган.

– Ги почнавме прелиминарните операции и првите фази од нападот врз градот Газа, а сега Израелските одбранбени сили ги држат предградијата на градот Газа, изјави за новинарите бригадниот генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската армија.

Во настап на телевизија тој рече дека Хамас е „разбиен и оштетен“ по 22 месеци војна, а Израел ќе ја продлабочи штетата врз оваа терористичка организација во градот Газа, кој е негово упориште.

– Ќе ја продлабочиме штетата на терористичката инфраструктура над и под земјата и ќе ја прекинеме зависноста на населението од Хамас, додаде Дарфин.

Израел во средата одобри клучен проект за изградба на 3.400 станови на окупираниот Западен Брег, за кој критичарите велат дека ќе ја пресече палестинската територија на два дела и ќе го спречи воспоставувањето палестинска држава со територијален континуитет.

– Со задоволство објавувам дека пред околу еден час цивилната администрација одобри планови за изградба на населбата Е1, рече Гај Јифра, градоначалник на израелската населба Маале Адумим.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните работи објави карта на Газа на која со розова боја се прикажани областите под израелска воена контрола или областите каде што има наредби за евакуација. Според ОН со розова боја се опфатени 86% од Газа.

Меѓународната заедница ја критикуваше можноста за одобрување на контроверзниот израелски проект. ОН и ЕУ го повикаа Израел да се откаже од неговото спроведување. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги обнови повиците за итен прекин на огнот „за да се избегнат смртта и уништувањето“ што нападот „неизбежно би ги предизвикал“. Многу од сојузниците на Израел го осудија тој план, а францускиот претседател Емануел Макрон, кој, поради најавата за признавање на Палестина како држава е во никогаш полоши односи со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, вчера предупреди дека овој план „може да доведе само до катастрофа за двете нации и ризикува да го вовлече целиот регион во циклус на постојано војување“.

Наспроти меѓународните реакции израелскиот крајно десничарски министер за финансии, Безалел Смотрих, повика на забрзување на планот за анексирање на Западниот Брег, кој Израел го окупираше уште во 1967 година, како одговор на најавата на неколку земји дека ќе ја признаат палестинската држава. Но, израелската невладина организација „Мир сега“ која е против изградба на населби на окупираните територии, предупреди дека тоа е „фатален план за иднината на Израел и на секоја перспектива за решение со две држави“.

Со исклучок на Источен Ерусалим, кој Израел го анектираше, речиси три милиони Палестинци живеат на Западниот Брег, заедно со околу 500.000 Израелци во населбите што ОН ги смета за нелегални според меѓународното право.

Против плановите на Владата со Газа се и многу Израелци. Тие во неделата во Тел Авив го одржаа најмасовниот антивладин простест од почетокот на војната со Хамас пред две години. Стравуваат дека воените операции ќе ги загрозат животите на израелските заложници кои Хамас ги држи во Газа.

ИЗДВОЕНИ