Илјадници одвратни видеа од сатанска злоупотреба на деца, доенчиња и животни разоткрија меѓународен педофилски синџир

71

Австралиската полиција уапси четири мажи под сомнение за нивна вмешаност во меѓународен педофилски синџир кој дистрибуирал, како што наведува, „сатански материјал за сексуална злоупотреба на деца“. Полицијата сè уште работи на идентификување на сите жртви, пишува „Си-ен-ен“.

Главниот инспектор Џејн Доерти, командант на одредот за сексуални злосторства во Нов Јужен Велс, изјави дека тие се осомничени за споделување „одвратна“ содржина со меѓународна мрежа, во која има деца на возраст од доенчиња до 12 години, како и животни.

– Полицијата ќе тврди на суд дека оваа меѓународна група учествувала во разговори и споделување материјал што прикажува злоупотреба и тортура на деца, вклучувајќи симболи и ритуали поврзани со сатанизмот и окултното, рече денеска Доерти.

За време на неколку истовремени рации на локации во Сиднеј минатата недела, полицијата заплени електронски уреди што содржат „илјадници видеа“, потврди Доерти. „Меѓу тие грозни слики имаше и серија видеа што прикажуваат сексуална злоупотреба на животни“, додаде таа. Полицијата на Нов Јужен Велс, исто така, објави видео од апсењето на 26-годишен маж во предградието Ватерло, за кој се верува дека играл „водечка улога“ во групата.  Истрагата ја водеше единицата за сексуални злосторства како дел од операцијата Константин, која почна во април за да се испита онлајн дистрибуцијата на материјал за сексуална злоупотреба на деца што вклучуваше ритуални или сатански елементи. Во ноември, полицијата доби дојава за група мажи во Сиднеј, кои наводно биле дел од поголем меѓународен педофилски синџир.

– Тие комуницираа едни со други, а исто така споделуваа и експлицитен материјал за злоупотреба на деца во рамките на таа меѓународна група, рече Доерти, која потврди дека полицијата сè уште не ги идентификувала децата од видеата, ниту, пак, утврдила во која земја се создадени материјалите, иако сликите биле од вистински деца.

Минатата недела, полицијата изврши шест претреси низ Сиднеј и уапси четири мажи. 26-годишникот е обвинет за повеќекратни прекршоци, вклучувајќи ставање на располагање и поседување материјал за злоупотреба на деца и дистрибуција и поседување материјал што прикажува бестијалност. Другите тројца мажи, на возраст од 46, 42 и 39 години, беа уапсени во крајбрежното предградие Малабар. И тие се соочуваат со повеќекратни обвиненија поврзани со поседување и дистрибуција на нелегален материјал. На сите четворица, чии имиња не се објавени од полицијата, им е одбиена кауција и ќе се појават на суд во јануари следната година. Истражителите сега пребаруваат низ „илјадници досиеја“ за да пронајдат други наводни членови на групата осомничени за споделување слики на шифрирани меѓународни платформи.

ИЗДВОЕНИ