Во Велика Британија е поднесена голема тужба против американската компанија „Џонсон и Џонсон“, која се однесува на 3.000 луѓе, обвинувајќи ја компанијата дека свесно продавала бебешка пудра контаминирана со азбест, објавува Би-Би-Си.
Во тужбата, која се повикува на интерни меморандуми и научни извештаи, се тврди дека „Џонсон и Џонсон“ уште во 1960-тите години биле свесни дека нивната бебешка пудра на база на минерали содржи влакнести форми на талк, како што се тремолит и актинолит, кои кога се во фиброзна форма се класифицирани како азбест и се поврзани со потенцијално смртоносни видови на рак.
Во тужбата се тврди дека, и покрај тоа што знаеле дека минералите се директно поврзани со ракот, „Џонсон и Џонсон“ никогаш не издале предупредувања на пакувањето на својата бебешка пудра, туку наместо тоа започнале агресивни маркетиншки кампањи прикажувајќи ја пудрата како симбол на чистота и безбедност.
Компанијата ги негира обвинувањата, како и сите тврдења дека свесно продавала бебешка пудра контаминирана со азбест.
Во соопштението издадено во име на компанијата се вели дека нејзината бебешка пудра „ги исполнува сите потребни регулаторни стандарди, е без азбест и не предизвикува рак“.
Постапките во Велика Британија се одраз на обемните судски постапки во Соединетите Американски Држави, каде што се поднесени повеќе тужби, а на барателите им се доделени милијарди долари отштета.
Адвокатите на тужителите проценуваат дека бараната отштета во Велика Британија би можела да достигне стотици милиони евра и дека тужбата би можела да стане најголемиот случај за одговорност за производи во британската историја.