Неколку илјади деца денеска учествуваа во традиционалните бадникови поворки во повеќе градови низ државата, најавувајќи го Христовото раѓање со пеење на песната „Вечниот Бог“. Во поголем дел од општините, децата беа пречекани од локалните власти, кои им поделија пригодни коледарски подароци.

Во Скопје, „Бадниковата поворка“ започна од Старата железничка станица. Децата, носејќи божиќни ѕвезди и пеејќи празнични песни, се движеа по улицата „Македонија“ до плоштадот „Македонија“, каде што беше поставена сцената кај Божикната пештера. Таму се одржа „Божикната авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо со учество на повеќе од 40 музичари, пејачи и актери, меѓу кои и учесници од „Златно славејче“. Мјузиклот беше реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, пренесувајќи ја пораката за Рождеството Христово преку музика и сценска приказна.
Претходно, дел од учесниците на бадниковите поворки во Скопје остварија средба со архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
Храмот ечеше со „Вечниот Бог“ – стихови што не само што се пееја, туку се живееја, носејќи ја радосната вест за Христовото Рождество.
Неговото Блаженство г.г. Стефан ги даруваше децата со архипастирски благослов и пригодни подароци, пренесувајќи ја пораката за верата, љубовта и духовната радост – вредности што Бадниковите поворки ги негуваат и пренесуваат веќе 16 години.

Оваа средба уште еднаш ја потврди длабоката врска меѓу духовното наследство, народната традиција и новите генерации.
Посетата кај Архиепископот претставува духовен вовед во централната Бадникова манифестација, која денеска се одржува на плоштад „Македонија“ во Скопје, како и во уште 80 градови и населени места низ Македонија и во македонската дијаспора.
Во Кочани, над 500 деца на возраст од 3 до 18 години учествуваа во поворката организирана од Црковниот храм „Свети Великомаченик Георгиј“. Тие се движеа од храмот низ централното градско подрачје до Градскиот плоштад, каде беа пречекани од градоначалникот Владко Грозданов.
Во Кавадарци, поворката тргна од црквата „Света Петка“ и заврши на градскиот плоштад, каде децата ги пречека градоначалникот Митко Јанчев, кој им подели подароци.
И покрај силниот дожд, во Тетово неколку стотини деца учествуваа во бадниковата поворка, која тргна од соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ и заврши во Музејот на тетовскиот крај, каде се одржа културно-уметничка програма со настапи на детски хорови и фолклорни ансамбли.
Бадникови поворки се одржаа и во Македонска Каменица, Крушево, Крива Паланка и Куманово, каде децата, носејќи бадникови ѕвезди и пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, го најавија големиот христијански празник.












