Здружението „Градиме иднина“ алармира за сериозна експлоатација на децата на улица, кои секојдневно заработуваат од 50 до 100 евра, а приходите завршуваат кај организаторите. Тие бараат итна интервенција од Министерството за здравство, бесплатна медицинска нега и заштита на децата од повторно враќање кај родителите експлоататори
Организираната експлоатација на деца преку просење добива сериозни размери, алармираа од Здружението „Градиме иднина“ од Скопје. Според нивните податоци, кои ги обелоденија пред Министерството за здравство, во Македонија има околу 25 илјади деца на улица, од кои 2 илјади секојдневно се во критична здравствена состојба, без здравствено осигурување или легитимација.
Претседателот на ова Здружение, Илија Јовановиќ, вели дневниот „промет“ од дете изнесува од 3.000 до 7.000 денари, кои завршуваат кај организаторите, додека децата живеат во мизерија и насилство. Тој посочи дека најкритични градови според бројот на деца питачи се Скопје (до 350 деца) и Охрид (до 120 во сезона), а потоа следуваат Куманово, Тетово и Битола.
Здружението бара итно спроведување на меѓусекторскиот протокол од 2022 година, бесплатно лекување за децата на улица, односно нивно ослободување од сите партиципации и трошоци за хируршки интервенции.
– Бараме и формирање комисија за ревизија на лажните медицински потврди, затоа што постојат сомнежи дека се издаваат лажни извештаи, кои ги користи „мафијата на лажни просјаци“ за манипулација на граѓаните, пред клиниките – вели Јовановиќ.
Тој смета дека мора да се заштитат децата по болничкото лекување и да не се враќаат кај биолошките родители, кои ги експлоатираат, туку да се сместуваат во групни домови или во згрижувачки семејства. Јовановиќ бара одговорност и за медицинскиот персонал што издава такви потврди.
Истражувањата на „Градиме иднина“ покажуваат и дека на државните клиники функционира организирана мрежа што ги користи децата за собирање донации и наместо за купување лекови, парите се трошат за луксузен живот на „шефовите“, за коцкање или за купување недвижности.
– Нема да дозволиме никој да нè замолчи. Овој проект ќе го тераме докрај, сè додека не биде спасено и последното дете од канџите на мафијата – изјави Јовановиќ.
Здружението апелира до граѓаните да не им даваат пари на питачите и до полицијата да реагира веднаш, при секој случај на експлоатација, а секој случај на просење во кругот на клиниките веднаш да биде пријавен на телефонскиот број 192.
– Здравјето и иднината на децата се над секоја политика. Бараме итен состанок со министерот за здравство за решавање на овој повеќегодишен проблем – порача Јовановиќ.
(С. Бл.)












