Илинденско послание на архиепископот Стефан: Да застанеме против неодговорноста, неединството, неморалноста и нељубовта помеѓу нас

75

Секое поколение има свој предизвик и своја борба! Ние, нашево поколение Македонци, треба да покажеме дека можеме и умееме да бидеме способни да изградиме напредна и праведна заедница, порача архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан во Илинденското послание. Во обраќањето во име и на Светиот архиерејски Синод, свештенослужителите, монасите и верниците се потсетува дека од подвигот и сведоштвото на пророкот Илија, до денешен ден, минаа многу векови.

-Отпадништво од верата сѐ уште има, а во многу делови на светот присутни се судири и војни. Нашата Македонија, пак, продолжува да биде пред постојани искушенија, оспорувања и лажни ветувања. И понатаму, за жал, светот го раководат лагата, користољубието и желбата да се завладее туѓото врз принципот на посилниот. Затоа, во ова и вакво време, секој вистински богољубец и човекољубец треба да биде миротворец, треба да биде пример во доброто! Без такви личности постои опасност светот да постане место без надеж и иднина! Затоа верата, подвигот и љубовта на пророкот Илија, но и на сите светии и угодници Божји, треба да бидат пример за следба! – се нагласува во Посланието.

Архиепископот Стефан додава дека великиот пирински војвода Јане Сандански рекол: „Да живееш, значи да се бориш: робот – за слобода, а слободниот – за совршенство“.

-Овие негови зборови ја разоткриваат смислата на постоењето! Тие сведочат за потребата човекот како личност, но и секој народ, да се бори за својата слобода! Па оној којшто нема слобода не може да се пројави во времето на овој свет, а и не може да принесе плод од своето постоење – и пред историјата и пред Творецот. Затоа славните илинденци ја започнале својата борба, иако биле свесни за неповолната историска реалност, како и за присутното неединство и честите предавства. Копнежот по слободата ги храбрел да се кренат против силната Османлиска империја, но и да покажат дека постојат и дека за народот кому тие му припаѓаат треба да има место под сонцето. И со тој подвиг покажале дека Македонците и Македонија не се умртвени ниту по многувековното ропство, и дека се желни за слобода.  Тој нивни обид, кога требаше, на следните поколенија им овозможи да ја продолжат борбата на илинденците и, конечно, да дојдат до слобода! – наведува поглаварот на МПЦ-ОА.

Според него, не случајно славните илинденци својата борба за слобода ја започнале на денот посветен на светиот пророк Илија.

-Тој и тогаш, а и сега, е сведоштво дека без духовната е неможна и националната слобода. Првиот Илинден, од 1903-тата, бил само зачеток, бил семе за вториот Илинден, од 1941-та година, по кој, на дел од Македонија, ние Македонците се здобивме со своја држава. На третиот, пак, Илинден, од 1991-та година, сонцето над Македонија повторно изгреа и таа повторно се појави на светската историска сцена. Македонија стана независна и суверена држава, а Македонците отворено го прифатија предизвикот да го одбранат своето и да му засведочат на целиот свет дека се мудар, достоинствен, човекољубив и богољубив народ! Секое поколение има свој предизвик и своја борба! Ние, нашево поколение Македонци, треба да покажеме дека можеме и умееме да бидеме способни да изградиме напредна и праведна заедница! А за тоа е потребно да застанеме против: неодговорноста, неединството, неморалноста и нељубовта помеѓу нас! Конечно, да разбереме дека само со чесност и со слога, на национален и на духовен план, можеме да очекуваме напредок и добробит за сите. Светиот пророк Илија во својата духовна борба против непријателите на вистината немал војска, немал институции, немал земни богатства, но го имал најважното – Го имал Бога и Неговата помош! Слично нему, и многу векови подоцна, апостолот Павле, кога во видение бил повикан да дојде во Македонија и да помогне[4], зад себе немал империја, немал организирана институција, но Го имал Господа Христа, Кого Го проповедал! – потенцира г.г. Стефан.

Тој порачува искрено да се молиме и мудро да ја чуваме придобивката од трите Илиндена.

-Бог, Кој ги водел и пророкот Илија, и апостолот Павле и свети Климент Охридски и сите Негови светии, секогаш да ја закрилува нашата Света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, и да ја благословува нашата Татковина – Македонија, но и сиот овој свет, а  сите да нѐ чува од злото и да нѐ воведува во секое спасително и радосно дело! Амин! – нагласи архиеспископот г.г. Стефан.

ИЗДВОЕНИ