Илина Пулејковска од Македонија меѓу победниците на регионалниот фотонатпревар

16

Кампањата „Три, четири, сега! Европа е наша!“ на „Ви Балканс“ (WeBalkans) се заокружи со изборот на шесте финалисти на регионалниот фотонатпревар. Завршниот настан на кампањата се одржа во Љубљана, Словенија, во рамки на специјалната соработка со Спортскиот фестивал во Љубљана, и на него присуствуваа победниците на натпреварот. Победниците на фотонатпреварот се: од Албанија: Клевиса Капо – Воздигнати од поддршка, носени од соништата (Lifted by Support, Carried by Dreams), од Босна и Херцеговина: Харис Перван – Фудбал за сите (Grassroots Football), Косово: Филојете Малоку – Спортот не е само натпревар (Sport is not just competition), од Црна Гора: Наташа Ѓуровиќ – Линии на слободата (Lines of the freedom), од Македонија: Илина Пулејкова – Спортот поврзува, вклучува и љуби (Sport connects, includes and loves) и од Србија: Јасмина Павловиќ – Заедно можеме сѐ (Together – we can do anything).

Свеченото доделување на наградите беше отворено со видеопорака од европската комесарка за проширување, Марта Кос, која истакна дека оваа кампања го претстави спортот како нешто многу повеќе од натпревар бидејќи со него градиме доверба, почит и заедници кои ги надминуваат границите.

Од вкупно 183 пристигнати дела, стручното жири ги избра осумнаесетте најдобри, кои потоа го обиколија Западен Балкан како дел од патувачка изложба низ во седум градови: Белград, Подгорица, Скопје, Струга, Маглај, Приштина и Тирана. Конечно, овој август граѓаните од регионот имаа можност да гласаат на социјалните мрежи на „Ви Балканс“ и да ги изберат победниците на фотонатпреварот.

– Би сакал да им честитам на сите учесници, особено на победниците на фотонатпреварот, и да ви се заблагодарам што ја избравте Љубљана да биде домаќин на завршниот настан од ова патување- изјави Само Логар, заменик-градоначалник на Љубљана.

Со завршницата на кампањата „Три, четири, сега! Европа е наша!“ во Словенија, „Ви Балканс“ ја истакна својата цел – да ja споделува визијата за проширувањето на ЕУ, да го истакне богатството што Западен Балкан го носи во Европа и да ги претстави можностите што ЕУ ги нуди надвор од своите граници. Завршниот настан, истовремено, нуди и простор да се слушне гласот на младите и поттикнува единство преку активизам и креативност, потсетувајќи дека иднината на Европа е посветла кога ја градиме заедно.

Во тој контекст, млади европски амбасадори од Западен Балкан дојдоа да ги поддржат своите врсници – младите фотографи. Раманда Шеху од Северна Македонија истакна дека за неа како млада личност од оваа земја што живее во ЕУ, настанот претставува можност младите од Западен Балкан да ги зајакнат врските со своите врсници од ЕУ и да се поврзат преку заеднички интереси, како што се спортот, екологијата и многу други.

– Спортскиот фестивал во Љубљана и фотонатпреварот се тесно поврзани, бидејќи и едниот и другиот ги слават спортот, младите и културата. Затоа е навистина важно да се видат љубителите на културата и спортот заедно на исто место, како учествуваат на еден заеднички настан, завршниот настан на фотонатпреварот – истакна Наташа Кос, раководителка на Одделот за културна и научна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Словенија.

За време на настанот имаше и уметнички момент, односно со хармоника беше изведена музичка композиција составена од шест музички дела, по едно од секоја држава од Западен Балкан, како и едно дело од Словенија.

Во текот на изминатите шест месеци, оваа уникатна иницијатива ги славеше инклузијата, единството и спортскиот дух, приближувајќи ги заедничките вредности на Западен Балкан и ЕУ до граѓаните во регионот и пошироко.

Во април 2025 година, во Приштина, беше објавен конкурс со кој се повикаа младите фотографи и љубители на спортот на возраст од 18 до 29 години да овековечат инспиративни моменти од светот на спортот, славејќи ги упорноста, проширувањето на ЕУ, единството, градењето мир и културната соработка.

ИЗДВОЕНИ