Македонската кошаркарска репрезентација ги стартуваше подготовките за претквалификациските натпревари за пласман на СП 2027, а на нив отсутни беа неколку првотимци, кои нема ниту да се појават во натпреварите против Романија и Унгарија.
ФОТО: П.С.
Во Гевгелија, нашата селекција ќе одигра два пријателски натпревара против Швајцарија – на 25 и 26 јули, по што следува преселба во Куманово, каде ќе започнат официјалните претквалификациски натпревари за Европското првенство. На 2 август, нашата селекција ќе ја пречека Романија во Куманово, а една недела подоцна и гостуваме на Унгарија во Шолнок. Четири дена подоцна го завршуваме овој претквалификациски прозорец со дуелот против Романија на гости во Орадеа.
Што се однесува до бројните откажувања, во нашиот состав ќе ги нема Ненад Димитријевиќ, кој периодов се подготвува и е во потрага по нов клуб, а нема да се појави ниту Ти-Џеј Шортс кој направи трансфер од Парис во Панатинаикос.
Затоа, селекторот Илиевски се реши да го повика Американецот, со македонски пасош, Џејкоб Вајли кој со своето искуство треба да придонесе во поцврста игра под обрачите. Подоцна (27 јули) на националниот тим треба да се приклучи и Андреј Јакимовски околу кој би требало да се гради играта на овој национален состав на Македонија.