Македонската кошаркарска репрезентација со пораз ги почна претквалификациите за пласман на Светското првенство кое ќе се одржи во 2027 година. Во преполната кумановска сала, нашата селекција претрпе пораз од еден од директните конкуренти за пласман во следната фаза, селекцијата на Романија, со 72:80. Во нашата група „Е“ е уште и Унгарија од која се очекува да има сигурен пласман во главните квалификации.

Нашата селеккција беше во негатива по најголемиот дел од првото полувреме. Сепак, на пауза заминавме со еден позитива (32:31). Во вториот дел ниту една од селекциите не дојде до двоцифрена разлика, а мечот го одлучи самата завршница, каде што Романците беа поприсебни и на крајот дојдоа до посакуваната победа.

Македонскиот селектор Марјан Илиевски не го криеше разочарувањето од конечниот исход.

  • Искрено жалам за поразот бидејќи во две минути се реши овој меч. Постојано беше егал, но потоа за краток период, со една две загубени топки и промашени отворени шутеви, мечот се сврте во полза на гостите. Можеби некој ќе праша зошто земавме брзи шутеви, но тоа беа отворени шутеви и јас секогаш ќе барам од кошаркарски аспект тие шутеви да се земаат, ќе им дадам поддршка на моите играчи. Примивме 25 поени од „втора шанса“, што е премногу. Знаевме дека тој физички аспект ќе биде главен проблем, но не успеавме да ги запреме Романците. Реков дека ќе не краси брза игра, имавме добри реализации од контранапад, но за жал тоа не беше доволно. Наше е да сработиме, да се види сето она што ќе го сработиме и сето она што за жал морам да го кажам е патетично – разочаран сум од синдромот на самоуништување. Првите два меча во Гевгелија беа од затворен карактер, настојувавме да ги сочуваме видео-анализите, но Романците стигнаа подготвени за сите наши напади, што е разочарувачки за мене како македонски селектор. Она што е проблем е ако овие играчи се важни во нашата репрезентација, а повторно имаат епизодна улога во своите клубови како и досега, истакна Илиевски.

Убедливо најдобар поединец во нашата селекција беше Џејкоб Вајли кој оствари дабл-дабл ефект. Тој натпреварот го заврши со 28 поени, 12 скока и 4 асистенции.

До следниот натпревар нашата селекција има одмор една недела, кога на 9 август ќе гостува во Шолнок кај Унгарија. Гостувањата ќе продолжат со дуелот во Ородеа против Романија на 13 август. Последниот меч Македонија ќе го игра повторно во Куманово на 20 август против Унгарија.

Инаку, на мечот меѓу Македонија и Романија беа присутни и голем број пратеници, министри, врвни спортисти, меѓу кои Перо Антиќ, Христијан Мицковски, Максим Димитриевски.

ИЗДВОЕНИ