Македонската кошаркарска репрезентација во четврток ги почнува претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година и сè освен победа на дуелот против Азербејџан, кој го играме на домашен терен, би било еднакво на катастрофа.
- Надополнети сме со играчи што се поискусни, што не значи дека се менуваат многу работи, но значи дека играчите што имаат „носено“ поинакви мечеви се присутни тука и сигурно ќе бидат од значење, не потценувајќи никого од оние што беа тука во текот на летото, бидејќи нивното време доаѓа – потсети селекторот на првата прозивка околу ноемврискиот ростер.
Илиевски потоа проговори и за противниците Азербејџан (27 ноември, Скопје) и Ирска (30 ноември, Даблин).
- Азербејџан и Ирска… Не постојат држави што не играат кошарка. Да не го кажуваме предвреме нашето очекување, секој пат ќе биде тоа да дадеме 100 % од нас и да победуваме на мечевите. Азербејџан, од она што го имаме како информација, го менува странскиот играч. Претходно имаше центар, сега има плејмејкер. Се работи за играч што бил меѓу носителите во клубовите, па сигурно е дека ќе се промени нивната тактика на терен, затоа што имаат носител играч на друга позиција. Некој меч се длабоко во негатива, на некои мечеви се близу до победа, така што ќе зборуваме по мечот.
Во овој ноемвриски ФИБА-прозорец, селекторот Марјан Илиевски ќе има на располагање уште еден натурализиран играч. Освен Џејкоб Вајли, за место во тимот ќе конкурира и играчот на шпанската Валенсија, Омари Мур.
- Вајли е со тимот, Мур доаѓа, а Сестина е повреден и ќе отсуствува два месеци. Имаме на располагање двајца натурализирани играчи и ќе одлучиме кој ќе игра. Двајцата ќе бидат тука и по она што ќе го увидиме, ќе ги распоредиме.



![[Интервју] Пројковски: Театарот треба да го каже она за што другите молчат](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2025/11/prr-450x300.jpg)







