Иако има одлична сезона, Џорџ Расел сè уште нема договор за следната година. Во свој стил, Британецот го искористи моментот да го претвори тоа во шега.
Откако победи на Големата награда на Канада, Расел се пошегува дека има резервен план доколку остане без место во Формула 1.
- Ако немам договор следната година, можеби ќе објавам календар со голи фотографии за да заработам малку пари, се пошегува Британецот.
Оваа изјава беше дочекана со смеа од бројни медиуми, а тој дополнително ја зачини приказната споменувајќи го познатиот фотограф Пол Рипке.
- Имаме еден луд Германец кој живее во Лос Анџелес, и тој повторно ни се придружи овој викенд, рече Расел, алудирајќи на Рипке.
Инаку, Рипке претходно соработуваше со Валтери Ботас, кој стана вистинска Инстаграм сензација поради појавата на календар.
- Тој е пријател на Валтери и веројатно инспирација за неговите голи календари, додаде меѓу другото Расел.
На оваа дискусија се надоврза и возачот на Ред Бул и актуелен шампион Макс Верстапен, предлагајќи: „Расел треба да направи календар“.
Возачот на Мерцедес одговори: „Сериозно размислувам за тоа. Ако немам договор следната година, морам од некаде да заработам пари.“
Шегата настрана, договорот на Расел со Мерцедес сè уште не е продолжен, иако се очекува тоа наскоро да се реши. Неговата форма и победата во Монтреал дополнително го зголемија притисокот врз челниците на Мерцедес да ја конкретизираат иднината. Тото Волф неодамна навести дека разговорите се при крај.
- Тој ни дава секаква причина да го направиме тоа брзо. Знаеме што може да направи, а тој го води овој тим веќе некое време. Тој има брзина и правилен став. Исто така беше долго време дел од академијата на Мерцедес, и ние одиме кон она што отсекогаш сме го планирале, изјави Волф за „Скај Спортс Ф1“.
Иако претходно се шпекулираше дека Мерцедес сè уште сонува за Макс Верстапен, најновите изјави на Волф укажуваат дека Холанѓанецот е надвор од фокусот.
Во меѓувреме, Расел дури се поврзуваше со можен трансфер во Астон Мартин, што само дополнително ја комплицира ситуацијата на пазарот на возачи.
Но, додека зад сцената се чекаат конкретни потези, Џорџ Расел барем успева да ја задржи насмевката на лицето – и да биде „подготвен“ за календарот, доколку е потребно.