Доколку не се најде решение во текот на утрешниот ден, односно не им се исплатат платите, вработените во „Флораком“ и во „Луна“ ќе одлучат дали од понеделник ќе продолжат со штрајк за солидарност, право што го дозволува Законот за јавни претпријатија, откако денеска повторно излегоа на протест.
Ова, како можност, го најави претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално- станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва, Стојанче Кашиковски, како резултат на нивните неуспешни напори да издејствуваат од раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ исплата на две плати и здравственото осигурување.
– За почеток, прво ќе ги повикаме вработените во „Паркови и зеленило“, а понатаму ќе одлучиме – појасни Кашиковски.
Тој наведе дека вработените од овие две фирми биле соочени и со притисоци од раководството на „Паркови и зеленило“ да не излегуваат на протест, односно да не бараат остварување на правото на исплата на плати.
– Ние, како синдикат СУТКОЗ, кој е единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности, од понеделник ќе поднесуваме соодветни поднесоци во судовите, односно кривични пријави и тужби против директорот на „Паркови и зеленило“, поради тоа што со неисплаќањето плати и здравствено осигурување, на вработените во овие две фирми и на нивните семејства им се загрозени здравјето и нивниот живот – најави Кашиковски.