Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) не се откажува од барањето за зголемување на минималната плата на 500 евра затоа што смета дека поради тоа оштетени се 167 илјади работници, на кои, според податоците на Управата за јавни приходи, личните примања им се до 30.000 денари. Првиот синдикалец, Слободан Трендафилов, вели дека последното зголемување на минималната плата во 2022 година, синдикатот го извојува на улица.
– Не буткајте нè на улица, дајте да седнеме да се договориме – повикува Трендафилов и додава дека борбата за зголемување на минималната плата не е борба против Владата или за затворање на компаниите, туку е борба за егзистенција за работниците.
Тој посочува дека третина од работниците земаат плата под 500 евра, а синдикалната кошница за четиричлено семејство за август месец достигна 65.500 денари што укажува дека не можат да ја наполнат две минимални плати. Според Трендафилов, со една минимална плата се покриваат трошоците само за храна и пијалаци.
– Функционер со 150.000 денари плата или 2.500 евра му кажува на работник со 24.397 денари или 400 евра плата како нема да му ја зголеми платата и како добро се живее, веројатно за да не аздиса многу работникот – велат од ССМ.
Трендафилов ги повикува пратениците во Собранието да ги донесат измените и дополнувањата на Законот за минимална плата и тоа да се применува по завршување на локалните избори, а на Владата преку дијалог да се дојде до повисоки плати.
– Секоја година сè повеќе граѓани се иселуваат и бројот на вработени се намалува. Не треба да се доведеме во ситуација заради алчноста или самобендисаноста на една од страните или на две од страните наспроти третата, односно работниците да трпат и да заминат од Македонија – вели Трендафилов.
Минималната плата во Србија од октомври ќе изнесува 500 евра, во Црна Гора е 600 со 800 евра, додека во Босна и Херцеговина 511 евра.
Повик за пораст на минималната плата на 500 евра стигна и од лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој обвини дека буџетските пари наместо во мерки за граѓаните завршуваат во „лични интереси“ на власта.
– Десетици милиони евра им се „украдени“ на граѓаните преку непостапување за цените, непокачување на платите и пораст на нееднаквоста и сиромаштијата – рече Филипче и нагласи дека „СДСМ имал и има порамномерни економски политики насочени кон стандардот на граѓаните“ и дека партијата нема да се повлече од предложените решенија за справување со инфлацијата.
Тој најави дека пакетот повторно ќе биде поднесен во Собранието и го наведе како приоритети: пораст на платите во сите сектори, зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи за намалување на цените.
– Добро е да се направи споредба меѓу параметрите што ги прават СДСМ и ДУИ кога тие беа во Владата седум години во периодот јуни 2017 до мај 2024 година, кога порастот на реалната нето-плата што ја земаа вработените во Македонија беше околу 3,5% и оваа една година на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, односно од јуни 2024 до јуни 2025 кога реалниот пораст на нето-платата е 6,5% – одговори премиерот Христијан Мицкоски на повикот на Филипче, за пораст на минималната плата.
Според Мицкоски, селективниот пристап и ваквиот тип политика на СДСМ донесе резултати во Македонија, кои, како што бевме сведоци изминатите седум години, се катастрофални и уништувачки – рече Мицкоски и на СДСМ му порача да биде конструктивна опозиција која ќе дава предлози за подобар живот за граѓаните, но и предизвик за Владата за да ги прифати и имплементира во своите политики.
За барањето на повисока минимална плата министерката за економија, Гордана Димитриеска Кочоска, потсети дека минималната плата пораснала за 5,6%, а просечната за повеќе од 10%, додека процесот на договарање на идната минимална плата се води во рамките на Социјално-економскиот совет, со поддршка од Владата.
– Таму треба да се договорат работодавачите и синдикатите, а Владата не се меша во тој процес. Сакам да појаснам зошто – затоа што едните ја исплаќаат платата, а другите ја примаат. Тие треба да најдат заедничко решение – кажа министерката.
(С. Бл.)