„Игри без граници“ на Тина Дрчар во МКЦ; Изложба на колажи на словенечката уметница

19
btr

„Игри без граници“ е насловот на изложбата на колажи на словенечката уметница Тина Дрчар, што ќе се отвори во Галеријата при МКЦ, вечерва (17 октомври) во 19,00 часот.

-Како автор и креативна ко-креаторка со критичка мисла и оригинален уметнички пристап, го одсликувам мојот одговорен став кон слободата и природата. Со моите дела го привлекувам вниманието кон перверзиите на нашето заробеништво и недостижноста на моментот на избор што го одредува нашиот сетилен хоризонт.
Насловот на циклусот колажи „Игри без граници“ е метафора или парадокс на реалноста на секојдневниот живот. „Колажи-омажи“ се преплетувања на постоечки уметнички дела и трансформација на телото на авторот преку фотографскиот објектив на Илија Терах, Андреј Лупинц, Никола Упевче, Тина Дрчар и Чрт Пикси, кои ја портретираа. Во техниката колаж, со почит кон етаблираните уметници и нивните уметнички дела: Миле Корубин, Вемура Шоен, Ирвин Густав Вигеланд, Борис Калин, Анри Русо, Антонио Моро и Хиеронимус Бош. Во низата трансформации на телото и костумот, интервенирам во различните значења на приказните од уметничките дела со мое сопствено реинтерпретирање. Истражувам, преку себе, од искуствата и спознанието до конфликт со светот, посочува уметницата кон изложбата.

Тина Дрчар (1977) е сликарка и концептуална уметница, самовработена во областа на културата. Во 2004 година дипломирала на Колеџот за уметност и сликарство „Art House“ во Љубљана, под менторство на професорите Марко Бутина и Тања Мастнак. Веќе за време на студиите започнува со уметнички интервенции во Метелкова, во сликарско дуо со Бине Скрт, при што најзабележителна е нивната слика на „Мала Шола“, која претставувала и дипломска работа. Во тој период добива простор таму, кој го уредува во атеље, каде што и денес твори. Нејзините дела често се изложувани и препознатливи на ѕидните слики (мурали) во Метелково место. Покрај сликарството, таа се изразува преку различни медиуми и уметнички техники. Активно учествувала во бројни изложбени проекти на уметниците од Метелкова, а имала и повеќе групни и самостојни изложби во Словенија и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди и признанија, меѓу кои и последното – Признание на Меѓународниот фестивал на ликовни уметности во Крањ 2022, за нејзината концептуална просторна инсталација на отворено, во урбаниот простор на градот.

Изложбата, поддржана од Министерството за култура на Словенија и остварена во соработка со МКЦ, ќе трае до 3 ноември.

ИЗДВОЕНИ