Естонскиот кошаркар Кер Криса (25), кој до неодамна важеше за еден од најперспективните европски плејмејкери, се најде во центарот на огромен скандал во САД. Тој е уапсен во рамките на истрага на ФБИ, а американските власти го товарат за измама во вредност од околу 2,2 милиони долари.

Според локалните медиуми во Кентаки, Криса е обвинет дека користел лажни идентитети, испраќал измамнички пораки и измислувал приказни за да извлече пари од своите жртви.

Наводно, тој тврдел дека неговата мајка е тешко болна и дека ѝ е потребно итно лекување, како и дека неговото семејство се наоѓа во сериозна опасност, со цел да добие финансиска помош.

Доколку биде прогласен за виновен по сите точки од обвинението, му се заканува затворска казна до 60 години.

Криса е роден на 2 јануари 2001 година, во Естонија и уште како млад беше сметан за еден од најголемите таленти на европската кошарка.

Кариерата ја почна во својата татковина, а потоа се пресели во германски Бамберг, по што потпиша за литвански Жалгирис. Во 2019 година дебитираше во Евролигата на натпревар против Асвел, но поголемиот дел од времето го мина во резервниот тим и подоцна играше за Приенаи.

Во потрага по поголема шанса, замина во САД, каде што настапуваше во колеџ-лигата за Аризона, Западна Вирџинија, Кентаки и за Синсинати.

Наместо професионален пробив во НБА, неговата кариера доби драматичен пресврт по истрагата на ФБИ.

Американските власти сега се обидуваат да утврдат колку лица биле оштетени и дали учествувале и други лица во измамата.

Случајот предизвика големо внимание во кошаркарската јавност, бидејќи станува збор за играч кому многумина му предвидуваа блескава иднина, а сега се соочува со можност да ги помине најдобрите години од животот зад решетки.

 

ИЗДВОЕНИ