четврток, јули 16, 2026
Дома СВЕТ „Играње со оган“, велат од МААЕ откако украински дрон ја погоди нуклеарната...

„Играње со оган“, велат од МААЕ откако украински дрон ја погоди нуклеарната централа Запорожје

34
EPA/SERGEI ILNITSKY

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) изрази сериозна загриженост откако руската државна компанија за нуклеарна енергија „Росатом“ соопшти дека украински дрон ја погодил турбинската централа во нуклеарната централа Запорожје и предизвикал штета на ѕидот на објектот.

Од МААЕ информираа дека за инцидентот биле известени од раководството на централата, која се наоѓа под руска контрола. Генералниот директор на агенцијата, Рафаел Гроси, предупреди дека ваквите инциденти претставуваат закана за основните принципи на нуклеарната безбедност за време на вооружени конфликти.

„Напаѓањето на нуклеарни постројки е како играње со оган“, порача Гроси.

Според МААЕ, станува збор за прв напад со дрон во рамките на периметарот на централата од април 2024 година. Агенцијата побарала пристап до погодената турбинска зграда за да може нејзините експерти директно да ја проценат штетата и околностите под кои се случил инцидентот. Од агенцијата додаваат дека засега нема информации за повредени лица, ниту пак е пријавена штета на нуклеарните системи на електраната. МААЕ најави дека дополнителни информации ќе бидат објавени откако нејзиниот тим ќе изврши увид на терен и ќе ги утврди сите детали поврзани со инцидентот.

Украина официјално негираше дека нуклеарната централа била цел на напад од страна на нејзините сили.

„Нашите војници се придржуваат до правилата утврдени со меѓународното хуманитарно право и се свесни за последиците од каква било воена активност во близина на електраната“, наведоа тие во нивната реакција.

ИЗДВОЕНИ