Игран филм и за естрадната икона Мишо Ковач – „Остала си увијек иста“

34

По примерот на успешниот филм за Тома Здравковиќ!

Во поранешната Југославија пејачот Мишо Ковач беше еден од најпопуларните пејачи на шлагерска музика. Неговиот голем хит „Остала си увијек иста“ успешно го препеа и нашиот ангел Тоше Проески.

Легендарниот Мишо Ковач, кој беше и еден од иконите на „Сплитскиот фестивал“ со многу победи и хитови, конечно ќе добие своја двочасовна филмска приказна. По примерот на играниот филм за Тома Здравковиќ. Снимањето започнува кон крајот на ова лето, а љубителите на музиката, филмот и песната на Мишо, веќе нетрпеливо ја очекуваат првата клапа.

Во Загреб се подготвува овој игран биографски филм со кус работен наслов „Мишо“. Филмот ќе ја раскаже животна и пејачка драма на човекот чии песни станаа химни на многу поранешни генерации, песни со кои луѓето се вљубуваа, се разделуваа, се сакаа… „Без растанка суза нема“, Обала мојих снова“, „Сви пјевају ја не чујем“, „Опрости ми“, „Ја не могу друго него да је љубим“, „Чему да живим“, „Далмација у мом оку“, „Најљепше су очи моје мајке“, „Још и данас теку сузе једне жене“….

Веројатно дека во филмот ќе има и еден дел од соработката на Мишо со Велибор Џаровски-Џаро, кога македонскиот менаџер му беше на пејачот алфа и омега. Особено на многумина им се познати нивните традиционални јадрански турнеи, кога после „Сплитскиот фестивал“ во организација на Џаро, Мишо Ковач ги полнеше летните тераси и ресторани од Порторож до Улцињ.

Филмот го следи Мишо од неговите први естрадни чекори, преку блескавата кариера, па се до денешните денови. За улогата на Мишо Ковач ќе бидат ангажирани неколку врвни актери, поради  различни турбулентни фази од неговиот живот. Според неофицијални информации, еден од нив би можел да биде харизматичниот Горан Богдан, во улога што може да му ја одбележи кариерата.

Сценариото го потпишува Милана Влаовиќ-Ковачек, која последните две години темелно преку разговорите ја истражува животната и музичката историја на Мишо Ковач. Тимот на Милана е составен и со наградуваниот Пјер Жалица, додека  режисерската палка ќе ја има Винко Брешан. Познат е како уникатен филмаџија за ваквиот тип на биографски играни филмови.  (Д.М.)

 

ИЗДВОЕНИ