„За еден оперски пејач, соработката со институции од рангот на Националниот центар за изведбени уметности (NCPA) во Пекинг е повеќе од ангажман, тоа е кулминација на една професионална зрелост. Тоа е и можност да се допре до најшироката светска публика и да се пренесе енергијата на една култура која е во исто време лична и универзална“, вели македонскиот оперски уметник Игор Дурловски во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, во кој разговаравме за неговите наредни ангажмани, кои воедно се и промоција на македонската оперска уметност
Македонскиот оперски пејач со импресивна меѓународна кариера, Игор Дурловски, не застанува со своите ангажмани на светските оперски сцени. Тој неодамна се врати од Јапонија, каде настапуваше со својата сопруга, познатата оперска певица Ана Дурловски, во рамките на „Експо 2025“ во Осака. Роден битолчанец (1977), тој
пред кратко време го промовираше и видеото за песната „Цела се Битола расплака за Александар Турунџев“. Но, тој не застанува тука, го чекаат бројни ангажмани, не само во Македонија туку и низ Европа и светот…
Пред извесно време со гордост најавивте дека следната година ќе настапувате во Националниот центар за изведбени уметности (NCPA) во Пекинг, една од најимпресивните и најреномирани оперски институции во светот. Како дојде до соработка со оваа културна установа?
Соработката со NCPA е резултат на долгогодишни контакти, професионални настапи и препораки кои се граделе низ времето. Националниот центар за изведбени уметности во Пекинг е храм на културата кој ги спојува најзначајните уметници од светот. Честа да се биде дел од таа институција доаѓа како признание за мојата досегашна кариера, но и како потврда дека македонската оперска уметност е препознаена и ценета на светско ниво.
Кажете ни нешто повеќе за Вашиот ангажман и за улогата, какво значење има ваквата соработка за еден оперски пејач?
Во Пекинг ќе настапам во улогата на Сарастро од операта „Волшебната флејта“ (Die Zauberflöte) од Моцарт, улога која е симбол на мудрост и духовна сила. За еден оперски пејач, соработката со институции од овој ранг е повеќе од ангажман, тоа е кулминација на една професионална зрелост, можност да се допре до најшироката светска публика и да се пренесе енергијата на една култура која е во исто време лична и универзална.
Што е најважно за оперски пејач во однос на подготовката за концерт, особено ако се работи за настап на светска оперска сцена и како Вие лично се подготвувате?
Без разлика каде настапувам процесот е секогаш ист, долги часови истражување на улогата, контекстот, и, пред сè, целосно предавање на музиката. Како Сарастро во минатото сум настапувал на повеќе сцени во Европа, така што ова нема да биде класична подготовка за нова улога, туку обнова на веќе сработеното.
Кои сè ангажмани ќе ги имате до крајот на оваа година и по што ќе ја паметите?
До крајот на оваа година ме очекуваат повеќе интернационални гостувања. Тукушто се вратив од Осака, Јапонија, каде на „Експо 2025“ ја претставував Македонија заедно со мојата сопруга Ана Дурловски и камерниот оркестар „Ајга”. Во октомври настапуваме со Македонската филхармонија во златната сала на Музикферајн во Виена, а се радувам и на моето прво гостување во Шпанија со претставата Pelléas et Mélisande од Дебиси во операта во Ла Коруња. Годината ќе ја завршиме со концерт во Скопје на 17 декември, каде што заедно ќе го прославиме јубилејот 25 години на сцена.
Освен настап во Пекинг (кој не Ви е и прв во овој град), дали следната година планирате и други претставувања надвор од државата?
Да, од потврдените гостувања го најавувам и мојот настап на една од најпрестижните сцени во Италија, „Театро Реџо“ во Торино, а настапувам како Анџелоти во операта „Тоска”. Секое претставување надвор од татковината го доживувам како амбасадорска мисија и можност да ја споделам нашата културна традиција и да ја афирмирам македонската уметност пред светската јавност.
Колку оперската уметност ви го сменила животот, но и ви донела задоволство во животот?
Најголемото задоволство е што преку работата ја споделувам убавината на уметноста со публиката и создавам моменти кои остануваат трајно во срцата на луѓето.
Музиката – заедничко патување кон совршенството
Со оглед дека и Вашата сопруга е светски познат оперски уметник, дали помеѓу Вас постои некаков вид личен натпревар, критика… Колку си помагате еден на друг со оглед на бројните обврски и настапите што ги имате низ целиот свет и дали кај Вашите три деца (Максим и близнаците Лука и Софија) постои интерес за оперска уметност, за музика, или воопшто, уметност од кој било вид?
Во музиката не гледаме ривалство, туку заедничко патување кон совршенството, и верувам дека тоа е клучот на нашата долгогодишна поддршка. Нашите деца, пак, растат во атмосфера каде што музиката е секојдневие, но ним им оставаме простор сами да изберат свој пат. Секако дека покажуваат љубопитност и чувствителност кон уметноста, но за нас е поважно да се изградат во стабилни личности со сопствени интереси и страсти.
Даниела ТРАЈКОВСКА