Меѓународната агенција за енергетика (IEA) се согласи што е можно поскоро да пушти на пазарот повеќе од 20 милиони барели дизел, заедно со преостанатите количини нафта од рекордното ослободување на итни резерви најавено во март, со цел да се помогне во снабдувањето и да се ублажи растот на цените.
Управниот одбор на IEA, кој го сочинуваат 32 земји, вчера одржа состанок за да разговара за обемот и временската рамка за пуштање на овие залихи, пренесува Ројтерс.
„Управниот одбор на IEA ја потврди својата посветеност да продолжи со спроведувањето на Заедничката акција од март, преземена како одговор на кризата во Ормускиот теснец“, се наведува во соопштението.
Во март, земјите-членки се обврзаа да пуштат на пазарот повеќе од 400 милиони барели сурова нафта и нафтени деривати, во услови на нагол раст на цените.
Вчера, тие „се согласија што е можно поскоро да го забрзаат пуштањето на преостанатите количини – за што веќе постојат конкретни планови, вклучително и за повеќе од 20 милиони барели дизел“.
IEA, која го координира повлекувањето на нафта од итните резерви на индустриски развиените земји, соопшти дека некои членки веќе пуштиле на пазарот повеќе отколку што ветиле во март, додека други планираат да го сторат тоа.
Досега, на пазарот се пуштени приближно 330 милиони барели, соопшти Агенцијата. Претседателот на САД, Доналд Трамп, изврши притисок врз земјите од Европската унија (ЕУ) да ги намалат своите резерви, предупредувајќи дека, во спротивно, би можеле да се соочат со потенцијална забрана за извоз на дизел од САД.
На многу пазари, цените на дизелот достигнаа рекордно високи нивоа поради нарушувањата во снабдувањето предизвикани од војните на Блискиот Исток и во Украина.












