Иднината на Македонија е европска, ама патот балкански

Иднината на земјава е во Европската Унија и сите напорно работиме со цел тоа да се постигне, порача евроамбасадорот Михалис Рокас, вчера од Велес, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар на пораките кои високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност ги упати за време на посетата на Скопје. Евроамбасадорот Михалис Рокас ја повтори пораката на Калас дека иднината на Македонија е во ЕУ. Рокас не сакаше да ја коментира изјавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за можноста Австрија да посредува во разговорите со Бугарија, но нагласи дека секоја иницијатива и дипломатска активност се добредојдени

236

Иднината на земјава е во Европската Унија и сите напорно работиме со цел тоа да се постигне, порача евроамбасадорот Михалис Рокас од Велес, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар на пораките кои високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност ги упати за време на посетата на Скопје. Евроамбасадорот Михалис Рокас ја повтори пораката на Калас дека иднината на Македонија е во ЕУ.

-Единствената работа, која можам да ја кажам во оваа фаза, всушност, е само да го повторам тоа што високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, го кажа, а тоа е дека Македонија и нејзината иднина припаѓаат во ЕУ и сите ние работиме напорно со цел да може да се постигне таа цел, за да може да се деблокира ситуацијата, истакна Рокас, алудирајќи на застојот во евроинтеграциите и потребата од интензивни дипломатски напори.

Рокас не сакаше да ја коментира изјавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за можноста Австрија да посредува во разговорите со Бугарија, но нагласи дека секоја иницијатива и дипломатска активност се добредојдени.

-Во овој момент единствената работа, која можам да ја кажам, е дека има голем број дипломатски активности и голем број посети и сè што ќе произлезе од нив е добредојдено за нас, додаде тој.

Во однос на договорот за инфраструктурни проекти меѓу Македонија и Велика Британија, Рокас истакна дека не е на него да коментира договори со трети страни, но посочи дека Велика Британија е добар партнер и на ЕУ, и на Македонија. За миграциите, тој ја пофали соработката на Македонија со ЕУ, особено преку Фронтекс, кој дава прв аларм при секоја миграција.

Нема отстапки од ставовите

Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, пред почетокот на Балканскиот Самит на Алумни во Скопје, нагласи дека високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, внимателно ги сослушала македонските ставови.

-Имаме неколку сценарија кои што ги понудивме и посветено работиме да го решиме проблемот и да покажеме позитивен сигнал како добри соседи, рече Трајков. Таа подвлече дека процесот е „двонасочна улица“ и дека иницијатива треба да покаже и другата страна.

Во однос на евентуална билатерална средба со Бугарија на Самитот на НАТО во Хаг, Трајков оцени дека иако ставовите на Бугарија се тврди, Македонија нема да отстапи од своите позиции, но сепак постои можност за компромис.

-До сега беа децидни и тврди во нивните ставови, не отстапуваме и ние, така што можеби ќе се најдеме некаде на средина. Она што е важно за нас како Влада е да инсистираме добрососедските односи и понатаму да се негуваат како што треба, истакна заменик-министерката.

Трајков посочи дека Владата нема дилема во реализирањето на реформите за ЕУ, без разлика на транзицијата на власта.

-Резултатите од реализацијата на реформската агенда покажуваат дека навистина ние посветено работиме на истата. За Македонија се работи и немаме дилема во реализирање на сè она што сме го нацртале до 2027 година, изјави таа.

Филипче е за лидерска и цврста преговарачка позиција

Во меѓувреме, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во телевизиско гостување порача дека ако Владата има предлог што ќе ја зацврсти преговарачката позиција на Македонија со ЕУ, тие ќе го поддржат, но останува на ставот дека најголемите политички партии прво мора преку дијалог да ги усогласат ставовите, иако ВМРО-ДПМНЕ го одби неговиот предлог за лидерска средба. Филипче, пак, вели дека иницира лидерска средба не заради својот политички рејтинг, туку поради тоа што е потребен национален консензус и заедничко толкување на договорот и протоколите од летото 2022 година.

-Кој било предлог од Владата, кој би ја подобрил нашата преговарачка позиција со ЕУ, ние ќе го поддржиме, но неопходно е ставовите да ги усогласиме преку дијалог на најголемите политички партии. Овие прашања во однос на преговорите со ЕУ, тоа е еден процес којшто ние не можеме да го занемариме. Тоа е еден процес којшто очигледно е дека различно се толкува, различно се прикажува, се користи за партиски ПР пред или после секој изборен циклус. Мислам дека по примерот на други земји, за тоа прашање е многу важно да имаме заеднички ставови, изјави Филипче.

Тој рече дека СДСМ не само што ќе ги поддржи, туку и ќе се заложи во европските институции за иницијативите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за носење декларација од Европскиот парламент за афирмација на македонскиот идентитет и јазик, како и став од Советот на ЕУ дека историската комисија не може да биде основа за вето во текот на преговорите или потпишување трет протокол со Бугарија.

Според Филипче, работата и улогата на историската комисија со Бугарија е само еден пример за различното толкување на протоколот од францускиот предлог што треба да се затвори преку средба. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ