Под мотото „Идни градоначалници, доста беа лепенки! Време е за нова гума“, „На точак“ ќе ја вози 92. Критична маса, која ќе се одржи в среда, во 17:30 часот. Оттаму ќе се прати порака дека има многу што секој ден го избираат велосипедот и се свесни за неговиот потенцијал да ги разубави градовите и деновите. Собирањето, вообичаено, ќе се биде на плоштадот „Македонија“, од каде што ќе појде Критичната маса.

– Скопје се ближи кон нова шанса за промена и чувствуваме порив повторно да излеземе заедно на неговите улици, на велосипед и да го повториме она што го зборуваме и бараме веќе 13 години. Се обидуваме да не се фокусираме на она што не чини, туку на можноста да се промени тоа – велат од „На точак“

Тие уште еднаш потсетија на придобивките за градот и за неговите жители кога се крои тој по мера на човекот, а не на лимена кутија.

– Не сакаме да велиме дека Скопје е лош град, затоа што тоа не е карактеристика на градот, туку на оној што го обликува. Тука не спаѓаат исклучиво градоначалниците и советниците, туку и сите институции што се занимаваат со проблеми како безбедноста, загадувањето и квалитетот на живот. Не сакаме да бидеме напорни сега, кога ќе се слушаат кампањи од сите страни, сакаме само да покажеме колку може да биде убаво Скопје кога ќе ги наполниме улиците со велосипеди – нагласуваат од „На точак“, потенцирајќи дека може да се претвори тоа во секојдневна ситуација доколку е тоа визијата на следниот градоначалник.

Кандидатите за градоначалници ги прашаа каде се гледаат тие, но и градот за четири години, а за себе велат дека очекуваат мирен град, без жртви во сообраќајот.

– Се гледаме како возиме велосипед на густа и поврзана веломрежа со сенки и како уживаме и пешачиме по слободни јавни простори. Имаме мноштво транспортни опции за движење низ градот и околината: имаме систем за изнајмување велосипеди, имаме регуларни автобуси, но и брз јавен превоз во свои ленти и активиран железнички прстен. Го искусуваме градот на различни начини (не само од автомобил) и сите го сакаме повеќе – одговараат од „На точак“.

Тие имаат и конкретни предлози за исполнување на оваа визија, кои ги испратија до сите политички партии што ќе учествуваат на локалните избори.

Овие предлог-чекори до пешачко и велосипедско Скопје, како што велат од „На точак“, се резултат на секојдневно возење велосипед, анализирање и следење на практиките во блиските и во подалечните градови. Тие беа испратени и пред четири години, до тогашните кандидати, но, како што потенцираат од „На точак“, за жал, сè уште се актуелни.

– Скопје на велосипед и единствена грижа да ни биде временската прогноза и како да се облечеме. Не од каде да возам за да не ме удри кола. Не од каде да возам за да не паднам поради неслеан рабник. Не каде да паркирам, дали е безбедно. Не каде да го чувам велосипедот, а да не го носам во раце по скали. Не која маршрута да ја одберам за да не чекам на семафори на сонце, на 40 степени, по пет минути – велат од „На точак“.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ