Руската Федерација е прогласена за виновна за паѓањето на патничкиот авион на Малезиан ерлајнс на летот 17, пресуди Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО), јави „Ројтерс“.
Авионот на летот МХ17 тргна на 17 јули 2014 година од Амстердам, Холандија, и се упати кон Куала Лумпур, Малезија. Авионот со вкупно 298 лица беше соборен три часа подоцна над регионот Донецк во Украина од ракета земја-воздух. За ова според ИЦАО одговорни се руските сепаратистички сили.
Руската Федерација никогаш официјално не ја презеде одговорноста. Според соопштението на холандското Министерство за надворешни работи, мнозинството членови на ИЦАО гласале во корист на Холандија и Австралија, кои во 2022 година покренаа постапка против Русија пред оваа меѓународна организација.
Во пресудата се наведува дека Русија е одговорна за соборувањето на авионот на летот МХ17 и дека нејзините постапки ја прекршуваат Конвенцијата за меѓународно цивилно воздухопловство, попозната како Чикашка конвенција. Семејствата на жртвите од авионската несреќа побараа руското признавање на одговорноста да биде составен дел од мировниот договор меѓу Русија и Украина.
Претходно истата година, во март, од радарот исчезна уште еден малезиски авион со 239 патници, кој до ден денес не е пронајден.