И во Македонија има компании во кои се организираат дополнителни активности, со цел да им го олеснуваат работниот ден на работниците. Така, во државата има многу компании што се современо опремени и што во рамките на фирмата имаат бифе, односно кафе-бар, фитнес-центри, базен, маси за пинг-понг, маси за билјард… Овие трендови што се наметнаа од современите компании во САД и во Европа почнаа да ги преминуваат и некои од нашите компании, со цел да ги задржат своите вработени. И работодавците се согласуваат дека повеќе македонски компании треба да ги применуваат овие нови трендови за да може да ги задржат младите и добрите работници.
– И во Македонија има фирми што нудат многу дополнителни активности, со цел да им создадат пријатна работна атмосфера на вработените. Најчесто тоа се компании во ИТ- индустријата, современи технолошки компании, компании за игри на среќа… Овие компании имаат бифе во кое вработените може да отидат на кафе, сок и на други пијалаци за да се освежат и фитнес-центри во кои може да се опуштат. Исто така, има компании што им даваат на своите вработени ваучери за посета на фитнес-центри, за посета на некој културен настан или друго место, каде што може да се опуштат. И кај нас, компаниите што финансиски добро стојат ги следат овие нови современи трендови, кои се наметнаа од европските и од американските компании, за да им ја олеснат работата и за да ги задржат вработените во фирмата. Многу е тешко да се задржи добар работник и во ИТ и во другите креативни индустрии – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Тој додава дека некои од компаниите, за да ги задржат вработените, им нудат дополнително здравствено и животно осигурување.
И Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија вели дека и во Македонија има компании што се современо опремени и повеќе личат на фитнес или на спа-центри отколку на класични традиционални фирми.
– Многу компании ги почитуваат барањата и потребите на работниците и се приспособуваат на нив. Така и кај нас, има многу компании што се современо опремени и повеќе личат на фитнес-центри, а имаат и спа-делови во кои вработените може да се опуштат од стресот на работното место. Овие компании им нудат на своите вработени можност за опуштање и за попродуктивно работење. Овие активности не се само потреба на работниците туку и дел од политиката на компаниите за корпоративно здравје – вели Бошков за весникот ВЕЧЕР.
Во ИТ-индустријата, телекомуникациите, осигурителните компании… работодавците се свесни и веќе ги менуваат начинот на работа и искористеноста на работното време.
– Работодавците имаат на располагање низа алати како и на кој начин ќе го достигнат врвот на продуктивноста во работниот процес. Ние им сугерираме на работодавците, за да ја зголемат продуктивноста и за да ги задржат вработените, да користат вакви алатки, кои, од една страна, ќе им помогнат да ја остварат целта, а на работниците ќе им создадат попријатно работно окружување. Поради тоа, голем дел од компаниите веќе почнаа да применуваат и хибридно работно време, односно четири дена работа од канцеларија и еден ден од дома – појаснува Бошков.
Тибор Хеѓкези, генерален менаџер на компанијата ЕЛМЕД за медицинска опрема, вели за весникот ВЕЧЕР дека мора да ги следат современите трендови за да ги задржат вработените.
– Во рамките на нашата компанија, имаме бифе во кое вработените може да отидат на кафе со колегите и да се напијат нешто во секој дел од денот. Исто така, имаме маса за пинг-понг, двор со летниковец и игралиште за фудбал, кое најчесто го користат некои од вработените по завршувањтое на работното време. Исто така, често организираме тим билдинг и, заедно со вработените, одиме во некој спа-центар или во некои од хотелите во нашите туристички центри. Мора да ги следиме овие трендови за да им понудиме пријатна работна атмосфера и за да ги задржиме вработените, кои се многу значајни за компанијата – вели Хеѓкези.
И во Македонија има компании што знаат да ги ценат работниците и им овозможуваат низа поволности, кои имаат цел да им ја олеснат работата и да им го заштитат здравјето.
(А. С.)






