Новите гранични прописи треба да стапат во сила од 26 декември, а се проценува дека биометрискиот систем за влез и за излез може целосно да се имплементира на сите комерцијални аеродроми и пристаништа во следните три до пет години. Ова треба да помогне во откривањето измами со идентитет, следење на пречекорувања на визата и за зајакнување на граничната безбедност, но според извештај на Комисијата за граѓански права на САД од 2024 година, системите за препознавање лица се повеќе склони кон грешки при идентификување црни лица и други малцинства, што потенцијално ги влошува прашањата за граѓанските права
Соединетите Американски Држави од 26 декември ќе воведат измени за странците што влегуваат во земјата, слични на оние од ЕЕС што Европската Унија го практикува од 12 октомври. Министерството за внатрешна безбедност на САД (ДХС) веќе ги објави новите гранични прописи со кои се бара сите граѓани кои не се државјани на САД, вклучувајќи ги и оние што имаат зелена карта, да бидат фотографирани при влегување и при излегување од земјата. Царинската и гранична заштита на САД (CBP) ќе собира биометриски податоци на копно, на море и на аеродроми, за да ја зајакне националната безбедност и да се бори против употребата на лажни патни документи.
Според новиот систем, службениците на CBP ќе вршат снимање и ќе обезбедуваат други биометриски информации од речиси сите граѓани кои не се државјани кога ќе пристигнат или ќе заминат од САД. Ова се однесува и за патниците под 14 години и над 79 години, за кои сега важат некои исклучоци. CBP веќе користи технологија за препознавање лица за да ги потврди патниците на меѓународни летови на повеќето главни американски аеродроми, но оваа нова регулатива ќе го направи процесот задолжителен на сите влезни порти. ДХС соопшти дека проширувањето ќе помогне во откривањето на измами со идентитет, следење на пречекорувања на визата и за зајакнување на граничната безбедност.
Според извештајот на Конгресната истражувачка служба, во 2023 година од речиси 11 милиони мигранти во САД, дури 42 проценти ги пречекориле визите, објави „Ројтерс“. Според агенцијата, американскиот Конгрес во 1996 година донел закон со кој се наложува создавање на автоматизиран систем за влез и за излез, но тој никогаш не бил целосно имплементиран. Во регулативата се наведува дека царинската и граничната заштита на САД (ЦБП), веќе користи препознавање на лица за сите комерцијални воздушни влезови, но само за да ги евидентира излезите на одредени локации.
Се проценува дека биометрискиот систем за влез и за излез може целосно да се имплементира на сите комерцијални аеродроми и пристаништа во следните три до пет години. ЦБП ќе состави бази на податоци со слики поврзани со секој патник, комбинирајќи фотографии од пасоши, патни документи и оние направени од гранични службеници. Овие слики потоа ќе се споредуваат со фотографии во реално време направени на точките за влез и за излез.
Но, според извештај на Комисијата за граѓански права на САД од 2024 година системите за препознавање лица се повеќе склони кон грешки при идентификување на црни лица и други малцинства, што потенцијално ги влошува прашањата за граѓанските права.
На европските граници со ЕЕС, автобусите чекаат и по повеќе од два часа
По воведувањето на системот за влез и за излез во Европската Унија заедно со багажот, понесете и трпение, им советуваат белградските превозници на патниците кои патуваат кон некоја дестинација во земја на Европската Унија.
Во земјите во кои е почната примената на ЕЕС на границите за влез или за излез од ЕУ се чека и по повеќе од два часа, зашто граничната контрола вклучува земање четири отпечатоци од прсти, фотографија од лицето и внесување лични и патни податоци во електронскиот систем. Се регистрираат името, датумот на раѓање, државјанството, полот, патната исправа, фотографијата и отпечатоците од прсти, а во исто време се евидентираат датумот и местото на влез во европската земја што го применува системот за влез и излез од таа земја. Во посебни случаи, се евидентира одбивањето на влез.
– Досегашните искуства се многу лоши, кога ни се случува да влеземе во дневниот период од два пробни часа за примена на новиот систем. Последниот пат со 34 патници стоевме околу два часа и 40 минути, изјави за „Фонет“ Зоран Мијушковиќ, возач на автобус на „Ласта“ на редовната линија Белград – Риека –Умаг – Пореч.
Тој додаде дека пред примената на EEС, автобусите се задржувале 15-20 минути, а сега понекогаш „заглавуваат“ и до два часа, во зависност од бројот на патници.












