Светлана БЛАЖЕВСКА
Весникот ВЕЧЕР деновиве беше дел од македонската стручна делегација која го посети рудникот за злато „Ада Тепе“ во Крумовград во Бугарија, каде што со бевме запознаени со начинот на ископ и експлоатација на минералот со примена на најсовремена технологија и практики запазувајќи ги високите еколошки стандарди, а со цел да се применат вакви решенија во Македонија.
Рудникот со кој од 2019 година стопанисува канадската компанија ДПМ (Dundee Precious Metals), е лоциран 3 километри јужно од Крумовград, во заштитено подрачје кое е влезено во еколошката мрежа Натура 2000. Во почетокот, проектот наишол на силен отпор од локалното население, но по организираните јавни расправи и информативни разговори со жителите на Крумовград и околните села уште во фазата на подготовка и одобрување, биле отстранети сите стравувања од ризиците на кои укажувале, по што проектот бил прифатен и кој во изминативе години дал голема поддршка на локалниот развој.
Филип Петровски, државен советник за рударство во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, по посетата на рудникот за медиумите изјави дека овој рудник е признат во Европа како еден од најеколошките рударски комплекси во регионот и користи најсофистицирана опрема и технологии за управување со вода и отпад, минимизирајќи го еколошкото влијание, дури и во заштитени зони на Натура 2000.
– Ние сакаме да научиме од искуства кои се веќе докажани – како компанијата одговорно соработува со локалната заедница, инвестира во развој на бизниси и инфраструктура, и создава придобивки за луѓето и за економијата и како соработката на база на силни закони услови и правила може да биде основ за одржлив сектор. Македонија е решена во идните стратегии и политики да ги предвиди сите европски правила со цел да се обезбеди дека секој развој во секторот ќе биде одржлив, еколошки одговорен и во интерес на локалните заедници и граѓаните – истакна Петровски.
Македонската делегација беше примена од градоначалничката на Крумовград, Себихан Мехмед, а потоа членовите на македонската делегација се сретнаа и со претставници на бизниси што се развиеле благодарение на проекти поддржани од рудникот кои придонеле за економски и социјален развој на заедницата, истовремено обезбедувајќи почитување на еколошките стандарди и одговорно управување со природните ресурси. Потоа, беше посетена и фабриката во градот Карџали, каде што со примена на технологијата „carbon-in-pulp“ се добива златото.
Инаку, рудникот ќе се експлоатира сè до март 2026 година, по што ќе следува тригодишен период во кој компанијата има обврска да направи комплетно рекултивирање на рудникот, односно враќање на просторот во првобитната состојба со засадување на автохтони дрвја и растенија и подигање на спортско-туристички центар. Ќе биде демонтирана и механизацијата, а дел од објектите изградени за потребите на рудникот, канадската компанија ќе ѝ ги подари на општина Крумовград, како и земјиштето купено од државата.
Многу од овие практики што беа видени во „Ада Тепе“, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ги предвидува како решенија во новите закони за рударство и за геологија во кои се вградени европските стандарди во делот на експлоатација на минерални суровини и заштитата на животната средина. По двата закона кои беа ставени на увид на јавноста, од МЕРМС велат дека се пристигнати стотина предлози и забелешки од кои дел ќе бидат вградени во законските решенија со кои се предвидува и повеќекратно зголемување на казните.
– Целта е заеднички да се изгради најдобро можно законско решение што ќе обезбеди подобра заштита на животната средина: строги еколошки стандарди при истражувањето, експлоатацијата и преработката на минералните суровини, обврска за санација и рекултивација на терените по завршување на рударските активности, можност за преработка и искористување на минералната суровина од старите одлагалишта. Поддршка на локалните заедници: најголемиот дел од надоместоците за минерални суровини и приходите од рударството да остануваат во општините каде што се врши експлоатацијата, обврски за компаниите да инвестираат во локалната инфраструктура и социјален развој, вклучување на заедниците во процесите на одлучување. Поголема контрола и транспарентност, ефикасна регулација на рударскиот сектор со овие законски решенија што ќе обезбеди подобра заштита на природните ресурси, јавноста ќе има поголем увид во процесот на доделување концесии, посилен надзор од државни институции – посочуваат од МЕРМС.
Државата очекува да се обезбеди и поголема економска корист, повисоки такси и рударски надоместоци, прецизно дефинирани права и обврски на концесионерите, поттикнување на домашни и одржливи инвестиции, унапредување на економскиот потенцијал што го носи рударството.