Од почетокот на следниот месец преку камерите на системот „Безбеден град“ ќе стартува казнувањето на сообраќајните прекршоци како: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Зеленото светло за овој проект кој треба да ја зголеми безбедноста во сообраќајот денеска дадоа пратениците во македонското Собрание изгласувајќи ги измените во Законот за прекршоците. Со тоа се отстрани и последната правна пречка за да системот почне да функционира.
„За“ измените гласаа 81 пратеник, додека 19 беа „против“ при што потребното двотретинско мнозинство беше обезбедено со гласовите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, ЗНАМ и Левица, додека останати опозициски партии – ДУИ, Алијанса и СДСМ сметаа дека за стартот на системот се време. Со ова, практично, се покажа дека Левица го испочитувала договоренот од неодамнешната лидерска средба, додека „интегративците“ се премислиле. Пред седницата, координаторката на ДУИ Рина Ајдари соопшти дека тие нема да гласаат за измените во Законот иако таквата поддршка ја најави пред неколку дена и покрај забелешките за неупотребата на албанскиот јазик, висината на казните, примената на проектот на подрачјето на целата земја… Таа, по првичното електронско гласање на пратениците, побара дури и поединечно гласање на секој пратеник.
Борислав Крмов од Левица објаснувајќи како ќе гласаат рече дека законот има многу слабости, но тие ја гледале поголемата слика, дека тој ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот . Пратениците на СДСМ, ДУИ и Алијансата беа против бидејќи се сомневаат дека податоците што ќе бидат прибрани од електронските уреди не се заштитени и може да има сериозна злоупотреба.
Пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски изјави дека тие не се против ваквиот закон но се многу загрижени за безбедноста на податоците.
-Не е регулирано чувањето на личните податоци, мејловите на сите возачи, нивните телефонски броеви за праќање смс за казни, снимките од движењето на граѓаните итн. Посебно што актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ има лоша историја со злоупотреба на личните податоци на граѓаните – кажа Спасовски додавајќи дека „многу детали не се разбистрени, а се брза со почнување на примената на системот“
Тој наведе примери во кои поставената сообраќајна инсталација ќе предизвика казнувањето на граѓаните кои не по своја вика прават сообраќајни прекршоци, а кои камерите ќе ги санкционираат.
Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Камерите на „Сејф сити“ засега се инсталирани во Скопје, Куманово и во Тетово, како и на делови од автопатите на Коридор 8 и на Коридор 10.
Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. Брзото и ефикасно санкционирање на прекршителите и изрекувањето санкции се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот. Министерстото за внаѕрешни работи најави дека во текот на оваа година целата територија на Македонија ќе биде покриена со камерите на „Сејф сити“. (Б.Ѓ.)












