Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови (наследник на Хашкиот трибунал) го отфрли итното барање на поранешниот командант на Генералштабот на војската на Република Српска, Ратко Младиќ (83), осуден на доживотен затвор за геноцид и други злосторства извршени во Босна и Херцеговина, за привремено или условно предвремено ослободување поради лоша здравствена состојба.
Судијката Грасиела Гати Сантана, претседателка на Механизмот, во својата одлука наведе дека неоспорените медицински мислења „укажуваат дека Младиќ се приближува кон крајот на својот живот, што е човечка судбина, и дека неговата моментална здравствена состојба, која бара потпирање на други за извршување на секојдневните активности, е сериозна“.
– Сепак, Младиќ продолжува да добива многу сеопфатна и сочувствителна медицинска нега, што е целосно потврдено со медицинските извештаи. Информациите што ми се достапни укажуваат дека убедливите хуманитарни причини што ги наведе Младиќ како основа за негово ослободување не се поткрепени – додаде Гати Сантана.