Долги редици, часови чекање и конфузија на граничните премини ги обележуваат првите тестови на новиот систем за влез и излез (EEС). Одложувањето на целосното спроведување до септември 2026 година им дава на земјите членки време да ги приспособат процедурите, но останува прашањето дали ќе донесе ова реално олеснување за патниците и за транспортната индустрија

Долгите редици и доцнењето на граничните премини со земјите од Шенген-зоната предизвикуваат непријатност кај патниците и нарушување на сообраќајот, особено на авионскиот, поради процедурата за идентификација што ја предвидува системот за влези излез (EEС), при што патниците се принудени да ги регистрираат отпечатоците и фотографиите во специјални киосци. Иако на хартија процедурите се едноставни, во реалноста тие доведуваат до долги редици, конфузија и до значително доцнење. Странските медиуми објавуваат дека најчесто се погодени шпицовите во сообраќајот, при што времето на чекање се зголемило до 70 %. Така, на пример, на аеродромот во Лисабон, патниците чекаат и до седум часа.
Ова е само пример што покажува дека технолошката амбиција не секогаш оди рака под рака со логистичката и човечката подготовка. Токму поради тоа Европската комисија одлучи да го одложи целосното воведување на EEС до септември 2026 година за да им се даде преоден период на земјите членки на ЕУ да го направат комплексниот баланс меѓу безбедноста и оперативната практичност на граничните контроли, бидејќи досегашното практично спроведување откри сериозни структурни слабости.
– Притисокот од туристичката индустрија, аеродромските оператори и од здруженијата на патници ја нагласува потребата од флексибилност во управувањето со големиот метеж, особено во текот на летните сезони. Ова одложување не ја доведува во прашање целта на системот: следење на посетителите и спречување прекршување на правилото за престој од 90 дена, но укажува дека инфраструктурата и човечкиот капацитет сè уште не се доволно подготвени – го пренесуваат медиумите хаосот што се случува на границите.
Билјана Муратовска, генерален секретар на македонската асоцијација на транспортни фирми „Макамтранс“, вели дека станува збор за огромен систем и според метежот што се прави на границите, очигледно е дека сите земји членки на ЕУ не се подготвени да го спроведат и затоа и е предложен преодниот период до септември. Овој систем важи за сите патници што влегуваат во ЕУ и не е исклучиво само за професионалните возачи.
По онлајн министерскиот состанок на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора со претставниците на Европската комисија, одржан во вторникот (3 февруари), за статусот на возачите на камиони и на автобуси од овие држави во Шенген-просторот, беше посочено дека било потврдено оти се одложува ЕЕС-системот до септември годинава.
– На состанокот беше потврдено дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од/во земјите од Шенген-зоната, наместо од почетокот од април, се одложува до септември оваа година – беше наведено во соопштението од македонското Министерство за транспорт.
Тој ден и босанските превозници известија дека, исто така, добиле информација дека ќе се помести спроведувањето на ЕЕС од април вo септември.
– Добивме информација дека ќе се помести ЕЕС-системот од април во септември. Следната недела ќе се формира работна група. Со колегите од регионот веќе работиме на документ за да предложиме најдобро решение за одвојување на професионалните возачи од туристите на граничните премини – рече претставник на превозниците од БиХ.
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, појасни дека ЕК им остава одредена флексибилност на земјите членки во постепеното воведување на ЕЕС-системот, особено во текот на таканаречената шпиц сезона во лето.
– Со оглед на загриженоста за претстојната летна сезона, вградена е дополнителна флексибилност за летниот период. Земјите членки, доколку е потребно, можат да го продолжат периодот на постепено воведување до септември – рече Ламерт.
Членот 21 од регулативата 2017/2226 на Европскиот парламент и Советот за воспоставување на ЕЕС ја дефинира постапката и во случај ако не работи ЕЕС-системот или е технички невозможно да се внесе податок. Во тој случај, како што е наведено, дозволени се привремени алтернативни процедури (локално чување, рачно евидентирање, па дури и печат), со обврска досието направено преку оваа резервна постапка без биометриски податоци да се внесе при следното преминување на границата.
Системот ги евидентира биометриските податоци – отпечатоци од прсти и фотографија од лице, како и личните податоци и датумите на патување, со цел подобрување на граничната безбедност, откривање лица што го пречекориле дозволениот престој и спречување кражба на идентитет. ЕЕС-системот ќе се применува на граѓаните што поседуваат биометриски пасоши, без оглед на тоа дали им е потребна виза за влез во ЕУ или не.
Веќе се воведени слични системи од САД, Канада и во Австралија.
(С. Бл.)












