Од досега спроведените околу 4 илјади контроли, Управата за јавни приходи утврдила дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки. Од УЈП велат дека тоа укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет.

– Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет. Во поширок контекст, овој факт укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики кои се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот – велат од УЈП.

За неправилности во делот на неиздавање фискални сметки, даночната управа изрекла преку 2.500 глоби, а на 113 даночни обврзници на врата им е ставена забрана за вршење дејност.

– Кон поголем број од даночните обврзници кои беа казнети за неиздавање фискални сметки и неевидентиран промет, УЈП испрати персонализирани пораки со повик обврзниците да поднесат исправки на даночните пријави, да го пријават прометот и да го платат данокот. УЈП го следи постапувањето на овие даночни обврзници и најавува дека, доколку не постапат доброволно, ќе следуваат и дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриениот промет и неплатениот данок – нагласуваат од УЈП.

Оттаму најавуваат и засилени контроли во пресрет на новогодишните празници во кои ќе бидат опфатени ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичарниции и други субјекти кои работат со готовински плаќања.

До 20 ноември, како што информира УЈП, биле реализирани 3.500 советодавни посети на продавници и угостителски објекти, при што даночните службеници ги информирале обврзниците за најчестите неправилности со цел навремена корекција и нивно усогласување.

– Во текот на посетите биле утврдени состојби како фискални апарати кои немаат налепници од овластен сервисер, кај некои се појавувале оштетени пломби, а кај одреден број обврзници било детектирано дека адресата на која е регистриран фискалниот апарат не соодветствува со реалната локација на работењето. Утврдено беше и неуплаќање на дневниот промет во банка, како и неводење книга на дневни финансиски извештаи – велат од УЈП.

Паралелно со советодавните посети, УЈП спровела детални анализи врз основа на податоците од ГПРС-системот, теренските контроли и ДДВ-пријавите. Анализите укажале на состојби кај дел од обврзниците кои континуирано евидентирале низок или идентичен дневен промет, кај други имало отстапки меѓу капацитетот на објектот и пријавениот промет, неусогласеност меѓу прометот евидентиран во фискалните каси и прометот пријавен во ДДВ-пријавите и слично.

ИЗДВОЕНИ